Време на подготовка:
30 мин.
Време на готвење:
45 мин.
Вкупно време:
1 ч. и 15 мин.
Порции
4 лица
Состојки
- 35 листови од винова лоза
- 2 лажици масло
- 1 главица кромид, ситно сецкан
- 500 гр. мелено телешко месо
- свеж магдонос
- 100 гр. ориз
- 1 јајце
- сол и бибер
- 100 мл. бело вино
Прелив
- 200 мл. кисело млеко
Подготовка
Ставете вода да зоврие во тенџере на силен оган.
Кога водата ќе зоврие ставете ги половина од листовите винова лоза во тенџерето и варете ги 30 секунди. Потоа извадете ги внимателно со лажица и ставете ги во цедалка. Исплакнете ги варените листови под млаз студена вода за да го прекинете процесот на варење. Повторете ја постапката со останатите листови.
Загрејте го маслото во една поголема тава на среден оган. Пржете го кромидот со повремено мешање додека да добие златно жолта боја. Потоа додадете го меленото месо и пржете го со постојано мешање околу 5 минути. Во тавата додадете го оризот, едно јајце и сол и бибер по вкус. Добро измешајте ја смесата и пржете ја уште 5 минути. Потоа одстранете ја тавата од ринглата.
Во едно подлабоко тенџере ставете 5 од листовите винова лоза за да го обложите дното.
На секој од останатите листови ставете по една лажица од смесата со месо и ориз. Потоа замотајте го листот и ставете го во тенџерето. Редете ги сармичките блиску една до друга за да спречите да ви се одвиткаат.
Кога ќе ги завиткате сите сарми додадете вода во тенџерето. Водата треба да ги облее сармите. Гответе ја сармата 45 минути на среден оган. Сармата не треба да ја мешате додека се готви. При крај на готвењето додадете бело вино и оставете ја сармата да се довари.
Послужете ја сармата од винова лоза со кисело млеко.
Пријатен апетит!