Зад Аголот е името на скопскиот рап состав кој на домашната сцена се појавува во 2011 година. СВП, Контра Напад, Длабока Трага, Паки, Гочка, DJ Ilic и DJ Oky Doky се имињата на членовите кои стојат зад ова име. Пред оформувањето на Зад Аголот тие постојат и творат на македонската рап сцена како индивидуални артисти и групи, но меѓусебната поврзаност на приватен план, како и неколкуте заеднички неофицијални проекти и соработки даваат поттик да се оформи овој тим. Во 2002 година Марко од СВП ја оформува Зад Аголот продукција, на која подоцна се приклучуваат Даре од Длабока Трага и Ване од Контра Напад. Како такви соработуваат со артисти како: СТР2, СВП, Струја, Блажеј, Контра Напад, Деки О2, Екипата, THC, Исток Запад, Длабока Трага, Римиски Масив, Хроник и Ел Борачо, Алфа, Дудо, Непристоен Предлог, Кискинов, LD Pistolero, Ајс и Гајка, Сиги и многу други.
По трансформацијата од продукција во колектив започнуваат со работа на нивниот прв официјален проект насловен "Чувај го Вистинко волу.1" кој го издаваат на 8 јуни 2012 година. Како продуценти на овој албум се појавуваат Марко, Даре и Ване кои се погрижуваат за инструменталниот и аранжманскиот дел. Како задолжен за миксањето и мастеризирањето се појавува Jan Zoo од Ниш, Србија, а за дизајнот на омотот – Марјан Димиќ. Пред издавањето на албумот, објавуваат и мини серијал на нивниот канал на youtube насловен "Зад Аголот Хроники: Клупата е Дама" составен од шест епизоди, односно видео записи на дел од песните кои можат да се најдат на албумот. Како креатор на овој мини серијал се појавува Бранко Блажевски (Покрај Бренсис Видео Обработка).
Нивниот прв проект поминува успешно, како за промовирање на нивниот материјал пред македонската јавност, така и за презентирање на македонскиот рап надвор од државните граници. Како позначајни настапи ги вбројуваат: Пиволенд – 2011/2012, Хип Хоп Камп – 2012, Штип Хоп Фест – 2012, Баскер Фест- 2013, Refresh Фест - 2013, Струмица Open Festival - 2013, нивниот прв самостоен концерт "Ќе Дојдеш ли на Рандеву?" – 2013 како и настапот на The Violent Voices Tour - 2015 како предгрупа на Sick Jacken, Slaine и Danny Diablo.
Нивниот втор заеднички проект кој го носи насловот "Зад Шпиунката" ќе ја здогледа светлината на денот на 9 април оваа година. Целиот материјал е снимен и работен во периодот од 2014 до 2016 година и содржи 21 песна. Како продуценти на овој албум се појавуваат Марко, Даре, Баже ДСЦ, DJ Goce SAF и Бранко, додека за миксањето и мастеризирањето повторно се појавува Jan Zoo. Цртежот на омотот е дело на Марјан Димиќ, а како гости на две песни се појавуваат Бојан Рафајловски (гитара) и Димитрије Марковиќ (бас).