Брат ми живее во Америка и е пријател со Крис,кој живее во Шкотска. Крис е добар пријател со Џед, басистот на Симпл Мајндс (од Шкотска се, нели). Согласно принципот „three degrees of separation", во нашиов свет кој станува едно големо „глобално село", се случи така што од Америка, преку Шкотска, во Македонија од Џед добивам пет карти за концертот и бекстејџ пропусници, за мене и четворица мои пријатели. Alive and Kicking! Супер!
Отидовме на Кале, го најдов Денис од Авалон Продукција (организатори на концертот во Скопје) и му објаснив за што станува збор. Најљубезно ме замоли да почекам, да го провери списокот на гости на Симпл Мајндс (не на Авалон), и по извесно време, се врати и ми ги врачи петте карти и пропусниците за бекстејџ, по концертот. До сега се' е убаво!
И концертот е убав! Убава музика, СМ убаво звучат, ние убаво се забавуваме. Се' е убаво!
По концертот, според планот, одиме бекстејџ, опремени со пропусници во форма на сини траки околу раката. Не запираат од обезбедувањето и ни велат дека тие не можат да не пуштат, ќе треба ДАНИЕЛ од АВАЛОН да дојде и да одобри. Добро. Каде е Даниел? Сега ќе дојде.
Така и би...По извесно време дојде ДАНИЕЛ од АВАЛОН и му ја раскажувам приказната: дека сум ги добила картите и пропусниците од Џед, дека сме договорени да се видиме по концертот, дека одам да се заблагодарам за убавиот гест...
- Од кај да знам која си ти?
- Еве ги пропусниците, имам и меил од него. Што друго треба?
- Па што ако имаш пропусница!? Од кај да знам од кај ти е?
- Оди провери. Договорени сме, не' чека.
- Не може!
И така неколку пати напред назад со муабетот, само зборовите различни. На крај видов колку е саат, разбирачка нема. Му реков дека тоа што о прави НЕ Е УБАВО, и се повлеков назад кај пријателите.
ДАНИЕЛ од АВАЛОН по мене!
- Ти! Ми ја уништи вечерта! Вакво нешто досега не сум доживеал!
Повторно се обидувам да објаснам и му го покажувам телефонот за да го види меилот од Џед. А тогаш ....ДАНИЕЛ ОД АВАЛОН МИ ГО ГРАБНУВА ТЕЛЕФОНОТ ОД РАКА И ГО ТРЕСНУВА ОД ЗЕМЈА, налудничаво викајќи „ЛАЖЕЕЕЕШ!"
И тогаш, морам да ви признаам, по инстинкт повеќе отколку како свесна реакција, на Даниел му удрив шлаканица!
Потоа си го собрав телефонот, се свртев и заминав.
Што се случило потоа не знам, бидејќи повеќе не се свртев наназад. Другите што беа присутни можат да посведочат за тоа. Само знам дека до мене допираа многу „софистицирани" извици од страна на ДАНИЕЛ од АВАЛОН, упатени до мене: ДРОЉО, КОЈА СИ МА ТИ!
И така би...
Наредниот ден му пишав на Џед да му објаснам дека тоа што не му се заблагодарив лично не е поради моето лошо воспитување, туку поради крајната невоспитаност на ДАНИЕЛ од АВАЛОН.
Ми пиша и тој. Се радуваше што ни се бендисал концертот, а случкава ја нарече ноќна мора – благо речено. Не' чекал по концертот, со пиво.
И сега, се прашувам: Наместо оваа, крајно неубава сцена, што ќе го чинеше ДАНИЕЛ од АВАЛОН да провери дали лажам или не, ако веќе толку му личевме опасни по интегритетот и моралот на Симпл Мајндс? Се' што требаше да направи е да праша. Како што тоа, пред почетокот на концертот, љубезно го направи Денис. И се' ќе беше убаво.
Но, сè' ми се чини дека од синтагмата „глобално село" ДАНИЕЛ од АВАЛОН го разбира само вториот збор.
Со Џед се договоривме да се видиме наредниот пат кога СМ ќе дојдат на концерт во Скопје. Се надевам тоа ќе биде скоро, секако без ДАНИЕЛ од АВАЛОН!
Поздрав,
Соња Андонова
---------------------------------------------------------------------------------------------------------
Кога ќе направиш сто и осумдесет (180) концерти низ целиот Балкан, со присуство на минимум пола милион (500.000) посетители без полициски записник за било каков инцидент предизвикан од било кој од тие пола милион посетители ... а камоли инцидент во кој си учествувал ти ... што да се каже?!
Јас после концертот, заедно со сопругата и мојата дванаесет годишна ќерка одев на кај бекстејџ ... а за настапот на госпоѓата нема да коментирам многу! Само ќе кажам дека не ми се случило до сега некој да ми мафта пред очи со телефон, да ме тегне за капут и неконтролирано да се дере пред моето малолетно дете! Јас сум преискусен за ваква случка да ми ја уништи вечерта и пред се сигурно е дека пред очите на мојата ќерка не би правел инциденти...
Вистина е дека телефонот на госпоѓата и падна од раце кога се бранев и го тргав од пред очи и точно е дека ме ошамари :)
Несакам да грешам душа ама ... добив впечаток дека госпоѓата беше во друштво на пристојна количина на малигани и единствено ме занимаше како да се спасам од неа и да ја спасам ќерка ми од трауми.
Тоа дека таа културно си заминала откако не успеала да ме убеди и дека јас сум одел по неа и сум урлал дека лаже ... Е, тоа е навистина одлична конструкција...конструкција која секако ми го разубави денот :)
Поздрав
Даниел Милошески