Колумни од времето на шизмата (2)

УПАД

2004 година. Вранишковски прави собир во Нижеполе, му доаѓаат колеги од Грција и Бугарија, цела македонска јавност се крева на нозе. „Утре или задутре тие истите пак ќе се смират, ќе се целуваат во рака и заеднички ќе си ги мрсат брадите. Мука ми е што ни ги трошат животите на вакви срања,“ пишува авторот.

УПАД

„Како влегле грчкиот и бугарскиот владика во Македонија, како воопшто ја минале границата???” Тури и пепел на таа држава во која ова може да стане медиумско прашање на неделата. Тури им пепел на сите цивилни литургии за зреењето на нашата држава, за демократијата, за човековите права и за она пусто приближување кон Европската Унија. Како поповите воопшто ја минале нашата граница? Па ваљда со пасоши, да му се невиди!

А што тоа се случи? Нот мач. Онаа дијабола Вранишковски, северно од Табановце попознат како „Зоки Зоруле, најлепше егзархче” деновиве решил во Нижеполе (не, ич не е исто со Галиполе) да ја собере својата дружина, што овдешна, што „из иностранства”. Се збрале за да осветат параклис (параклис = појма немам) и да формираат некакво хумано друштванце наречено „Лекари на љубовта”. Тоа друштво да ти била стандардна шема во православниот свет иако во мојава погана глава поимот „Лекари на љубовта” никако да се одлепи од садомазо асоцијата на фетиш бендот „Арми оф лаверс” при што Јован, нормално, го има местото на онаа месната певаљка со уста ко пепељара која сака да носи бичеви и да се облекува во кожа. Зоруле, човекот кој и онака се прослави откако покажа завидна умешност на „мување под тезга” со браќата од Белград и Атина, и овојпат успеа да ја изведе својата манифестација тивко, далеку од очите на овдешната јавност.

„Моќните” македонски медиуми и нивните силни дописнички мрежи успеаа да утнат собир од преку 400 луѓе па беа принудени своите пост фестум извештаи да ги покриваат со општи снимки од битолските фонтани и широки сокаци. При тоа, најголема фертутма беше дигната околу ВИП гостите на Јован, горенаведените владици од Бугарија и Грција. Со загрижени чела и автокефално тремоло во гласовите, нашите новинари упорно запомагаа барајќи одговор на клучното екуменско прашање, како овие типови ја минале нашата граница!

За да го задоволат својот акутен напад на љубопитност, истите однекаде ископаа куп мата-хари пикантерии врзани со овој „грозоморен чин”. Така дознавме дека едниот владика влегол со мантија ама - ах, таа византиска препреденост! – рекол дека оди за Струмица. Нашиве гранични лица му поверувале па го пуштиле, а овој тргнал ѓоа за Струмица ама по некое време остро свртил кон Нижеполе! Не разбравме дали ова православно скршнување го извел со или без давање жмигавец. Ситуацијата со вториот владика е уште „посексиљава”. Имено, тој успеал да ги прелаже будните цариници и да пенетрира во нашата автокефална шенген зона бидејќи бил облечен во цивилна одора, а ни деталното претресување на багажникот не покажало никакви знаци на мантија! Види мајката! Гледате ли со какви ѓаволести трикови се служат душманите на МПЦ? Не ќе ме изненадеше ако некој добро информиран репортер извадеше теорија дека цивилниот владика всушност носел од оние облеки со две лица, едната страна мантија, а другата како обична „ЈАСА” тренерка! Ете, тоа е центарот на овој „верски, црковен и национален скандал”.

Прилично јадно, нели? Собирот на Јован драматично беше опишан со воениот термин „упад” небаре преку границата ни минал штабот на Ал Каеда, сосе Бин Ладен и Ал Заркави, па едниот рекол дека оди во Струмица по пипер, а другиот за таа пригода бил свечено и цивилно избричен со зелено тоест фундаменталистичко џамче. Атмосферата на новинарските извештаи за приредбата на Јован сугерираше дека нашите граничари никако не смееле да дозволат ваков владичин десант и дека поповите морале веднаш да бидат откриени, раскринкани, ликвидирани или во најмала рака соблечени по гаќи како во веселите денови на партизанските победи.

Со опроштење на софра, дали сме ние нормални? Што сè треба да се направи за да се одбрани автокефалноста на МПЦ? Да се истренираат специјални гранични кучиња кои ќе намирисуваат странски попови маскирани во цивили? На собирите како оној во Нижеполе, АРМ по автоматизам да пушта Мигови и хаубици, за да видат душманите како МПЦ го возвраќа ударот? Да го стреламе Вранишковски,човекот кој неговите браќа од Синодот на МПЦ му најдоа триста финансиско-морални гревови, ама само дури откако тој ги напушти? Колку е јадна МПЦ кога најголем потег на нејзините водачи е да побараат средба со Бранко од која ќе изразат нескриено задоволство зашто „претседателот цврсто застанал зад ставовите на Синодот?” Зошто странски верници, попови, владици или Папи не би смеееле да влегуваат во Македонија, само затоа што не ја признаваат МПЦ? Па со истите тие владици, нашиве преговараат, потпишуваат договори па ги раскинуваат, си одат на гости, прават заеднички ручеци, побогу! И Македонија многу држави не ја признаваат па тоа не ни пречи да ги пречекуваме нивните претставници и до бескрај да им ги тинтраме јајцата.

Нели е срамота тоа што Вранишковски е осуден на година и пол робија по она комуњарско „ширење верска, расна и национална омраза” додека во исто време, луѓе на ДУИ проповедаат обединување на Албанците и прогнозираат исчезнување на Македонија, а потоа мртви ладни се појавуваат на собраниска благајна да си ја земат државната плата?

Уште еден детал од нашиот мрачен но автокефален вилает: неколку дена по изгубената битка во Нижеполе, полицијата славенички соопшти дека на извесен српски владика Артемие не му дозволила да влезе во земјава. Притоа, МВР на Артемие му покажал список со 20-ина попови од СПЦ на кои, пази ова, по барање на МПЦ (!) им е забранет влез во земјата!

Машала МПЦ, машала! Сè додека го имате МВР за свој духовен партнер, ич да не ви е гајле за другите. Право да ви кажам, црковната дипломатија ме интересира колку сметките за патарина од минатата недела. Утре или задутре тие истите пак ќе се смират, ќе се целуваат во рака и заеднички ќе си ги мрсат брадите. Мука ми е што ни ги трошат животите на вакви срања. Јадна ти е онаа автокефалност која треба да ја бранат цариниците на Табановце, јадна ти е онаа црква која го има Бранко за ментор и чии великодостојници почесто му се обраќаат на МВР отколку на Бога.

Иначе, арни?

Трендо

30 мај 2022 - 15:40