На времето глумеше во најгледаниот македонски филм на сите времиња, "Балканкан" на Дарко Митревски.
Подоцна го монтираше второ-рангираниот филм по гледаност, "Трето полувреме".
Потпишан е како монтажер и на "Балканот не е мртов" на Александар Поповски, и асистент-монтажер на "Ослободување на Скопје" на тандемот Раде/Данило Шербеџија.
Во странство учествувал на проектите "Одисеја" со француската ѕвезда Одри Тату, "Ангелот чувар" на финскиот режисер Арто Халонен, како и новата ТВ серија на Би-Би-Си, "МекМафија".
А сето тоа почна пред скоро дваесетина години, во едно скромно студио за монтажа во Дебар Маало, со неколку нискобуџетни музички спотови за Калиопи, Каролина, Тоше Проевски...
Дејан Бошковиќ, перманентен нишлија со постојано привремена скопска адреса.
******
* Интервју за лондонскиот магазин ICB 365
Дејан Бошковиќ, фри-ленс DIT (Digital Imaging Technician)
Бошковиќ како ДИТ во индустријата работи преку 20 години. Стациониран e во Македонија бидејќи интересот за ДИТ и визуелни ефекти е голем во цела источна Европа. Неодамна Бошковиќ работеше на драмата на BBC1 „McMafia“ како ДИТ асистент.
Што значи да се биде ДИТ на дневна основа?
Како ДИТ постојано учам и наоѓам нови решенија за кинематографот и директорот на фотографија. Гледањето и анализирањето што моите колеги прават е важен начин на учење и демистифицирање на новиот хардвер и софтвер кој се користи на сет. Технолошките промени и новите алатки ми овозможуваат да колорирам материјал уште на почетокот на снимањето што е одлична работа која ја зголемува ефикасноста.
Какво влијание има технологијата на она што го работиш?
Како што технологијата зрее, мојата работа во некои аспекти станува полесна бидејќи можам да понудам брзо и прецизно процесирање на сликата уште од почетокот. Морам да имам контрола врз она што го работам бидејќи во мојот дел нема место за грешки. Проектот лесно може да се загрози ако не си доволно сигурен во технологијата која ја користиш. Предностите на технологијата ме тераат секојдневно да ги помрднувам границите и да го правам и она што до вчера било невозможно. Сето тоа благодарејќи на новите машини кои се побрзи, помоќни и поефикасни од порано. Монтажа на самиот сет е фасцинантна технолошка придобивка бидејќи можеш да го моделираш филмот додека се снима, што го скратува времето за пост-продукција.
Што е најголемиот предизвик кога се работи како ДИТ?
За мене тоа е да се заврши секоја задача која ја имам за време на снимањето и да бидам подобар од проект во проект. Да се работи со максимум капацитет, да се имплементира новото знаење, технологии и решенија колку што може повеќе. Однадвор мојата работа на секој проект се чини слична но кога си внесен во самиот процес, задачите и целите поставени од кинематографот и деректорот на фотографија секогаш се различни. Нивното исполнување бара флексибилност и мултитаскинг.
Кои трендови се појавија и се сменија за време на вашата кариера?
Кога работев во доцните 90-ти години, мораше да се остави материјалот преку ноќ да се рендерира, за утредента да се сфати дека резултатот не е добар. Обичен претоп меѓу два кадра знаеше да трае по 45 минути. Но, технологијата оттогаш драматично е напредната.
Кои технологии и трендови очекуваш да ја променат индустријата во наредните 5 години?
Безжичниот пренос и дистрибуција на видео сигнали ќе смени многу и ќе овозможи поголеми видео резолуции и побрзо хардверско едитирање. Сè во индустријата е посветено на скратување и забрзување на процесите на пакување на филмот бидејќи времето е пари. Главна цел е да се зголеми ефикасноста во производството на филмот а на екран да се добие моќна слика и звук.
Кој совет би му го дал на некој што сака да стане ДИТ?
Напредокот во полето директно зависи од буџетите со кои се работи. Кога се има голем и комплексен проект со повеќе камери и специјални ефекти, предизвиците и одговорноста се поголеми.
Мојот совет до почетниците е да нафрлуваат искуство. Некогаш е доволно да гледаш како некој работи за да научиш доста од тој процес. Додека среќата е на твоја страна и те држи желбата да успееш, ќе станеш професионален ДИТ.