Состојбата е задоволувачка. Ги задоволивме сите што ни се качија.
Со едната нога сме во Европа. Другата ни ја ампутираат.
На жена ми ѝ пречи што само инаетот ми е магарешки.
Не скокај од радост, да не ги вознемириш оние горе.
Итно ни е потребно море. Бродот ни тоне.
Кога му го извалкаа образот им го понуди и другиот.
Насамарениот почнува да клоца дури откако ќе сфати дека го јаваат.
Најбезбедно е летањето со умот. Има најмногуи контролори.
Животот е неинтересен - му се знае крајот.
Се збогати продавајќи песок од својата духовна пустелија.
Живејте двоен живот. За случај едниот да го изгубите.
Како бре гладни покрај толку сервирани патки?
На зорт за огрев си го пресече и семејното стебло.
Нашиот цајтнот тие го користат како свои пет минути.
Фактите се вистински облечени само кога се голи.
Никако да процветаме. А толку долго сме напупени.