Средба со полначите на буџетот

- Ама чекај бе господине, за шо 300 евра казна?
- Па возиш 92.
- А колку треба? го прашувам.
- 80 -  ми вика.
- А каде има знак за 80?
- Знак нема, тоа е член од законот и ти треба да го знаeш.

Вчера товарив метални профили 24 тона од Кавадарци за Чешка. Возам према Велес, после патарината кај Градско и пред да излезам на тоа правото има надолнина, ме понесe тежината на товарот, гледам стрелката поминува 90, прикочив малку и ја одржувам брзината на 88-90.

Излегов на правото и на некои 200-300 метри после таа новата бензинска ме сопира полиција. Полицијската кола застаната на помошната лента на автопатот, јас застанувам позади нив.

Му давам документи за камионот, возачка, а полицаецот ми вика:

- 92 си фатен на радарот, казна 300 евра и суспензија!

Го прашувам, зошто суспензија господине, му ја подавам и личната карта.

- За шо ми е ова?

- Па со возачката ми бараат и лична карта. му викам. Ја погледнува возачката, ааа, оваа бугарска била, е па нема да има суспензија оти е странска возачка.

- Ама чекај бе господине за шо 300 евра казна?

- Па возиш 92.

- А колку треба? го прашувам.

- 80 треба -  ми вика.

- А каде има знак за 80?

- Знак нема, тоа е член од законот и ти треба да го знаeш.

Фучат коли камиони покрај нас, цел камион се тресе, и нивната кола исто. Се тргна полицаецот од коловозната лента и си влезе во возилото.

Тоа е, си викам, здравје нека дава господ. После неколку минути ме повикаа со сирената. Тргнав да излезам од камионот, гледам на ретровизорот друг камион залетан мине покрај мене. Арно оти погледнав, у цела таа збрка ако ја отворев вратата имаше да ме нема и мене сосе врата.

- Добро господине, како може да ме казниш кога нема знак? - го прашувам.

- Има знак 120, шо не возиш 120! - почна да ми се дере.

А колешката шо беше со него, коа виде дека овој го повиши тонот, почна и она да писка:

- Шо си гледал коа си полагал, тоа е закон за тешки товарни возила!

А јас за камион положив во Канада, таму не нè научија за членот од законот у Македонија шо го има, туку нè учеа знаците да ги гледаме. Коа си дојдов од Канада таа возачка ја сменив со македонска, а од пред неколку години македонската во бугарска.

Ок, ја потпишав казната и си влегов у камионот.

Сега си мислам, среќа шо ваа мојта возачка е бугарска, ако беше македонска ќе ме оставеа со товарен камион и оцаринета роба на пат.

Добро како туку така ги зимат виа возачките? Па ни со тиа возачки леб јадиме! На некој колега фамилијата ќе му ја остават без леб. Жално и срамно.

А замислите па на некој странец коа че му опнат 300 евра казна оти не го знае членот од законот у Македонија. Че а замразе Македонија за навек.

Колку за споредба, у други држави на влез во државата има табла со сите прописи шо важат за таа држава.

Тошо Петров

17 февруари 2022 - 18:25