Од колумните на Трендоленд

Шведска, немири, здраво

Кој воопшто го есапи светот, кога фино си ја имаме Македонија. Нели е таа доволна да ги задоволи нашите дневни потреби од вести, минерали и олигоинформации? Кататонично концентрирани на самите себе, се однесуваме како како куче што сред улица посветено си ги треби болвите околу јајцата и нема блага идеја дека во тој момент кон него пичи Сканија, и тоа од големите.

Многумина тврдат дека се работи за вистинита приказна. Онаа кога некој новинар го прашал својот уредник, како на македонски правилно се кажува: Ирак или Иран? Мора да се работи за виц или измислица. Оти денес е тешко да се замисли дека постои толку неписмен и неупатен човек кој не би знаел дека на македонски правилно се кажува – Ирак.

Ха–ха–ха... Ха-ха-ха??? Што е смешно? Сигурни сте дека нашиот однос кон светот е толку регуларен што горенаведениот пример е невозможен? Добро, ајде тогаш да се расправаме. Пред некое време на вестите на Сител одеше некаков прилог за Северна Кореја. И нормално каде е Северна Кореја, таму е и Ким Ил Сунг. Тоа ви е толку сигурно колку што е сигурно дека Биљана Секуловска ќе кимне со главата (долу па десно) кога по генералната најава ќе ни препорача: „Останете со нас”. Е цврцки. Во прилогот на Сител го немаше Ким Ил Сунг. Ама затоа го имаше Ким Втори Сунг! Ху д фак е сега па тој? Е па и јас така помислив. Слушав како упорно го кажуваат Ким Втори и не ми беше јасно како сум можел да пропуштам појавување на еден нов, а очигледно битен човек кај Сунгови. Се мавав со рамковниот по голото газе за да се казнам оти вака паушално ги следам значајните вести во земјата која со Македонија ја спојува сличниот квалитет на живеење кој им го нуди на своите поданици.

Ким Втори, Ким Втори... Одеднаш ми светнува спасоносна идеја која ми ја заштитува ранетата информативна суета, а богами и го поштедува моето дебело месо од понатамошни жестоки удари на сексиљавата преамбула! Да, мора да е тоа, не сум јас кабаетлија туку овие блесани од Сител бадијала ми задаваат зорт. Значи, ми текна дека веста за Ким мора да ја собрале од некоја странска агенција. А странците имаат некаква глупава и нехигиенска навика да пишуваат на латиница. Ај сега молиќу лепо, замислете си го Ким Ил Сунг на латиница. Запишете си го на компјутер или проверете на интернет, сеедно. Ха! Гледате како лесно се претвора она пусто „Ил” во римска двојка? Лет д саншајн ин!!! А ти Трендо мавај се по родниот задник ако немаш попаметна работа отколку да ми се секираш поради неписмени жоурналисти.

Нормално, потоа беше – никому ништо. Кој брате денес ти гледа Северна Кореја? Кој воопшто го есапи светот, кога фино си ја имаме Македонија. Нели е таа доволна да ги задоволи нашите дневни потреби од вести, минерали и олигоинформации? Кататонично концентрирани на самите себе, се однесуваме како како куче што сред улица посветено си ги треби болвите околу јајцата и нема блага идеја дека во тој момент кон него пичи Сканија и тоа од големите. Планетата ја изгуби битката со ФИРОМ затоа што некако не е доволно атрактивна, некако е демоде да и се невиди. Светот не е доволен, крикнува нашиот домашен таен агент верен до смрт на својата кралица Телевизија и принципелно си нарачува локална ракија, говнаруша. Го заболе него дали ракијата е „стирд или шејкен“.

Затоа овој текст – задушница за блокот странски вести е прилично задоцнет. Тие вести одамна ги нема по македонските тв дневници или пак ги пуштаат во 57 минута колку со една-две реченици да ни кажат дека Пакистан и Индија веќе ноќеска се спремни да направат светска нуклеарна лумперајка, да отидеме сите бестрага. Од радијација утре ќе ми порасне цицка на чело, а јас ќе верувам дека тоа Теута Арифи ми ставала хормони во бозата од Апче.

Медиумските чорбаџии сконтале дека светот не носи пари и дека тв џанаците сакаат локална роба, па решиле да го маргинализираат светот до невиден простаклук, а блокот вести за него да го дотераат според новинарската школа на Ѓуро и неговата формулација: Шведска, немири, здраво! На дескот обично се држи минимален број особље, колку за не дај боже: утре Менхетн може да потоне, а ние да ги отвориме вестите со правните проблеми во трансформацијата на селската задруга во село Облавце, општина Клечовце. Или пак, светот го покрива кој стигне од останатите новинари, оние за кои Ким е толку Втори, што на Трендо газот му станува како на павијан.

Затоа, ако сака човек некако да се конектира со она мало парче планета кое се наоѓа надвор од на-шите меѓународно признати граници, мора да чека викенд, затоа што само тогаш може да начека некоја екстра вест од странство ставена колку да ја пополни дупката во минутажата од локални дешавки. Во останатите денови, принудени сме да бидеме комплетни аутисти чиј универзум запира кај оној камен од два тона што неодамна го постави Илинка енд френдс и орално да се самозадоволуваме од Матејче до Гевгелија, уживајќи во самодоволноста на нашите судбини кои вртат крукчиња во триаголникот Шемшево – Сиричино – Свирипичино. Што ќе ти се странски вести за клонирање кога си имаме ние кадровска политика која функционира на истите генетски правила. Што ќе ти се информации за Холивуд, кога и ние си имаме Џурасик Парк во Суводол, Битолско. Што ќе ти се меѓународни осврти, кога ние со векови знаеме дека како и да се свртиш, газот меѓународно ти останува позади.

Затоа сме отсечени од светот? Ма јок, тој е отсечен од нас, гревче едно. И нека се снаоѓа како знае!

Не дека јас многу пекам по оние досадни конструкции „израелската авијација нападна позиции на Хезболах во Јужен Либан” и слични глупости. Муабетот ми е дека со ампутирање на светот од нашето тв секојдневие се создава неподнослива атмосфера на ниско небо во која сме осудени да се гушиме во сопствениот смрад. Во меѓувреме растат млади генерации. Којзнае какви ќе се испилат. Не мрднале подалеку од маало, не виделе странец без пушка, а информативната широчина им се состои од познавање на селата во кои шпартаат мешани патроли. И како тие утре да не бидат ксенофобични до Суводол и назад, како да не го мразат светот кој за нив отсекогаш бил огромна црна дупка, како да им објасниш дека оние што живеат надвор од Македонија не мора по дифолт да се дебили кретени и идиоти.

Затоа, давајте тоа Америка, давајте тоа Русија, давајте да видам што прават Гринпис и Тамилските тигри, да видам како се држи аргентинскиот бифтек... Во спротивно, нема да ни треба многу за да ја постигнеме духовната зачмаеност на некогашна Албанија или денешен Иран.

Да не речам – Ирак.

Трендо

17 јуни 2025 - 13:20