Фактор: Демонстрации против власта, протести против опозицијата, кампери кои бараат оставка од владата, контракампери кои ја бранат државата од оние кои не ѝ мислат добро. На што ви наликува ова повеќе на циркус или на пародија?
Трендо: Ако го гледате тоа без премногу гнев, не е тоа ништо страшно. Имате една партиска групација која сака да ја сруши власта, и друга која сака да остане таму. Во меѓупросторот, постојат и вредни и симпатични слободарски иницијативи, како студентите или пак оние што се бунеа против глупите закони за хонорари. Но, ако се вратиме кај главниве две страни, не е проблемот во она што тие го сакаат туку што се спремни тоа да го добијат “по секоја цена”. Вмровците ја користат целата забрефтана државна машинерија која целосно ја контролираат, а опозицијата рекетира со тоа бомбите, те ги пуштаме, те малку не ги пуштаме. Некој ден ќе пуштат нова бомба само зашто некој од таму не бил задоволен со својата утринска ерекција.
Она што мене ме снеможува е што целиот овој кошмар веќе нема рационални туку религиозни параметри. Едниве со она “само ова зло да помине”, другите со она “само она зло да не се врати”. А злото е библиска а не правно - политичка категорија. Прогласи се себе за добро, противникот за зло и на чекор си да дојдеш до конечното решение – да го сотреш злото. Со тоа што е мое да потсетам дека до истиот заклучок дојде и Ајхман кој веруваше дека има конечно решение за еврејското прашање.
Заборавија ли македонските граѓани да се смеат? Дали состојбиве се толку трагични или трагикомични што се помалку на луѓето им е до смеење?
Па и мене домашниот материјал сè помалку ме тера на смеење иако смеењето останува драгоцено апче за јакнење на нашиот имунолошки систем. Да замислиме во оваа напната атмосфера една дискретна чајанка на наши луѓе кои ги поврзуват нивните сексуални фетиши. Па истите тие, на истата таа чајанка ќе се фатат за гуша за Груевски и Заев и ќе заборават на своите џуџиња, бичеви и свингераји. Тоа е баш тажно. Мене не ми се живее во атмосфера во која нема ништо друго освен бинарен политички избор. Мислам, океј, смешно е како Груевски му се јавува во три саат ноќе на министер и го прашува што прави, ама не е смешно што овој му одговара сериозно, наместо да му каже: “Еве, гледам Порнхаб, што да правам ебате во три ноќе?” Смешно е кога Заев мафта со книжуле за да ни објаснува физички закони, како агент на ЦСИ Муртино, ама не е смешно кога ќе ти текне за колку сериозен случај тој прави таков несериозен аматеризам. Да не кажувам колку не е несмешно да пушташ патетични стихови од Бора Чорба, покрај цела онаа Азра.
Во т.н бомби кои ги објавува СДСМ можеше да се слушне и Вашето име. Како ги доживувувате доказите и аргументите во кои наводно се инволвирани луѓе од власта, судии, адвокати, директори... Ви личи ли ова на воајеризам или ова само ја отсликува трагедијата на македонското општество 25 години по транзицијата?
Тоа беше сликовита епизода за карактерот и зрелоста на овдешната јавност. Се пумпаше таа бомба со недели, сите – со право - ја чекаа вистината за Младенов, се пушти бомбата за Младенов и сите - заборавија на Младенов! Трендо и Иво се зезале со Теменугов?! Настрана тоа што овој нашиов тотално непотребно решил приватни зезања меѓу тројца пријатели, да споделува со својата шефица, ама, ај да видиме што беше тоа битно за вистината за Младенов, за функционирањето на државата, за вмровското зло, за било што? Ете ви ја нашата јавност, како планктони. Без своја траекторија, без воља сами да го одредат правецот, без сила да инсистираат на било што, препуштени на дневните струи, ги маваат плими и осеки. Се лепат на теми и ги држи тоа лути едно 3-4 саати, сè додека преку Фејсбук не им стигне некоја нова коска за глодење па ќе се фатат со неа. А бомбите се шокантни и заради она што го слушаме, колку вмровциве имаат забегано а и заради фактот што, хеј, ние слушаме нечии разговори! Не ви беше непријатно кога СДСМ решија да ни пуштат разговор меѓу министер и неговата сопруга? Како тоа сме ние овластени да слушаме едно ноќно цвркутање меѓу маж и жена? Па јас да сум жената, има да ги тужам до Хаг! Просто, неверојатно.
И ќе се навикнеме на таквата бомбастичност на нашите животи, и по некое време ќе мислиме дека е тоа нормално, дека ни следуваат такви силни дразби. А кој еднаш ќе се навлече на шокантноста и трешот на риалити шоуа, тешко се враќа во состојба да има нерви, на пример, да одгледа цел филм на Фасбиндер. Па тоа досадно, бре! И ако двете банди ги имаат истите материјали, уште една деценија ќе нè дрднаат и ќе нè рекетираат со тоа. Утре некој човек ќе реши да го купи семкарот Зуко, ама ќе биде повикан да слушне снимени материјали за себе со наравоучение да заборави на Зуко. Сјајна перспектива имаме пред нас, нели?
По отварањето на случајот „Пуч “, објавивте репринт на своја колумна од пред 10 години бранејќи ја владејачката гарнитура. За собранискиот инцидент од 24 декември објавивте текст за наводно сличен настан од пред 20 години. Зошто се обидувате да ги релативизирате состојбите во Македонија?
За да ги заебавам оние кои сакаат да апсолутизираат. Таквите отсекогаш ме терале да ги нервирам. Јас и Ајнштајн, тие сме тие кои релативизираат. Точно 101 година откако тој успеа да го релативизира времето - без да му фали влакно, ниту нему, ниту на времето - овде за грев се зема ако ги релативизираш актуелните политички агенди или потезите на здивените партиски армии и медиумите кои брутално ги спроведуваат. Дали навистина некој верува дека ќе успее да ме убеди дека денот треба да ми се состои од следење на потезите на Никола Тодоров или Петре Шилегов? Малку ли медиуми се занимаваат со тоа? Нејќете ли да читнете нешто за Хуго Прат, за Боб Дилан, за Коста Бургов? Во време кога македонското новинарство наголемо пред очи ни гние од копи-пејст текстови, јас сум станал сомнителен затоа што сум објавил мој авторски текст на мој сајт? Колумна од пред 10 години, настан од пред 20 години, може и да е вест за нешто од пред 2.000 години, сеедно. Видено низ партиски наочари, сè е сомнително. Ние денес најавивме најјак прес на светот, а Трендо објавува интервју со Ентони Бордејн! Каков предавник!
Али ок, мислам дека и да го водев сајтот на “Храна и вино”, таа параноја пак ќе беше иста. Од чија ли е сега тој, зошто баш сега таков сајт? И идиоти ќе мислеа дека секој ден прво треба да им се изјаснам за дневните теми на кои се напалиле на Фејсбук па дури потоа да пристапам кон рецептот. А искрено, дури и целата публика во Македонија да здиви во таа насока, јас сум прилично заебано решен и доволно силен да ги бранам моите слободи. И љубопитноста и желбата да се доловува сета сочност на овој чудесен живот и шареност на овој чудесен свет.
Ако не сте забележале, јас со години упорно и педантно работам на тоа да разочарам дел од моите фанови. Не знам колку ги има таквите, ама знам кои се. Оние кои помислија дека вечно ќе им бидам дубаче со кое полесно ќе се движат низ дневните актуелности. Вака, без дубаче, можеби побрзо ќе научат сами да одат. Или пак нека си најдат друго, нека си одберат нови медиумски јунаци и ајт со среќа.
Меѓу демократија или автократија, кон каде се движи Македонија?
Убава ви е таа илузија дека Македонија некаде се движи. Да видиме математички до каде сме: нашата држава која сè уште нагалено ја сметаме за млада, веќе начука половина од вкупните години кои ги доживеа упокоената Југославија. Половина, добро? Со што во моментов располагаме? Со турски серии и социјални мрежи. Првите малку да анестезираат, вторите малку да шприцаат адреналин давајќи ни чувство дека сме нешто многу живи и нешто многу вклучени во случувањата. Јас повеќе од 20 минути ако читам кавги на Фејсбук, станувам полош отколку што сум. Ми растат заби, ми иде да земам секира и да делам правда наоколу. Не дека денес има повеќе гадови од некогаш, ама се повидливи. Порано живеевме во нашите кругови и имавме чувство дека Македонија е земја со убави луѓе. После испоотворија профили и уште не можеме да се изначудиме каде тоа растеле овие ликови. Но, и тоа е прашање на избор и личен однос кон хигиената на духот. Сите градови на овој свет, од префинетиот Цирих до хаотичниот Кабул ќе ви мирисаат исто, ако ги посматрате сместени во нивната канализација. А Фејсбук знае да ја даде токму таа перспектива.
Конечно, сето ова што денес го гледаме го имате одамна кај Андриќ. Во балканските касаби секогаш постоел џган кој со децении може да живее повлечен и привидно примитомен. И потоа се случуваат настани со некоја чудна хемија кои на таквите им ги ослободуваат најниските страсти. Водени единствено од своите нагони, разгневени блујат бес наоколу, страотно покажувајќи ја дотогаш потиснуваната омраза кон соседот, кон поинаквиот, кон кого било. После некое време ќе се вратат во своите тажно празни животи. А ние ќе се преправаме дека не памтиме меѓу какви живееме.
Што мислите до кога ќе се „натегаат“ политичките конкуренти Груевски и Заев?
Дур им се може.
Доколку сте Вие олеснувач на разговорите, каков предлог би дале за излез од актуелната политичка ситуација?
Верувале или не, излезот од овој кошмар е многу едноставен и разбирлив. Секој лопов треба да заврши во затвор, секој шупак треба да заврши неславно, секои избори треба да бидат демократски, сите медиуми треба да бидат слободни, државата треба да значи правда, граѓанинот треба да биде свесен за својата светост и одговорност. Тоа е тоа! А сега да видиме дали сме опремени за таа лесна мисија. Со кои од неопходните алатки располагаме? Со ништо. Гледаме утакмица во која нема правила, нема фер плеј, нема судија, а семафорот некогаш е расипан, а и кога работи добро, не му веруваме доколку резултатот не ни се бендисува. Ама затоа навиваме, растураме. Овде и европскиот комесар за проширување го направија вмровски платеник. Ок, ама ако ВМРО може така лесно да ги поткупува главните европски претставници, што па ние мајка бараме во една таква Унија? Дај со Ангола да пробаме.
Во една прилика изјавивте дека ако денес имате можност да снимите филм за Македонија - доколку се однесува за интелектуалците во Македонија тоа би бил нем филм, а доколку е вестерн нема да се знае кој е негативен, а кој позитивен лик. Каков филм би снимиле денес и на кого би му ги довериле главните улоги?
Денес не би ве занимал филмот, ни содржината ни жанрот. Единствено би се интересирале од каде ми се парите за филмот.
Која улога би ја имале Вие?
Би се почастил со улога на чучулига.
Пишувач на култна колумна во „Фокус“, водител на „Милионер“, уредник на „Офф нет“, која од овие креативни работи најдобро го отсликува карактерот на Трендо?
Дозволете да одговорам од името на еден од моите ликови кои не се наведени во пописот. Тазе прогласената Мис на Алабама во мене би ви рекла: Премногу сум млада за да ви одговорам на ова прашање.
* Разговараше Горазд Чомовски. Објавено во Фактор, 2015 година