„Правилник за крадење струја“

Реакција на реакцијата (ЕДИТ: плус контра реакција)

Прашањето е: што штитиме, кого го штитиме и тој што го штитиме - од кого го штитиме. Одговорот го дава М-р. Здравко, кој што ни објаснува зошто е тоа така, аргументира зошто така мора да биде, сè друго е нерегуларно и да не навлегуваме во политички одлуки пошто има кој е задолжен за тоа. И дека всушност, живееме во најдобриот од сите можни светови.

Повод: Реакција на „Правилник за крадење струја“

Колегата поставува „основни инженерски постулати“, демек општопознато знаење. Можел да започне и со цитати од Паоло Коељо или цитати од книгата „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров, да го зголеми драмскиот ефект.

А потоа навлегува во законодавството за енергетика за да ди раздели производителите на енергија, верувам дека само мисли на електрична енергија, пошто во поделбата што ја направил не гледам рафинерија.

Првото (барем за мене) шокантно откритие, беше изјавата дека освен за производство за сопствени потреби или за продажба, постојат и цитирам:

„Произведувачи кои дел од вишоците ги продаваат на слободен пазар“ и

„Произведувачи кои дел од вишоците ги „чуваат“ во мрежата“!??

Изгледа дека колегата -ваљда дека магистер- знае нешто што јас не знам, т.е. кој е начинот на чување на вишоци во мрежата. Ниту некаде во законодавството  постои ваква поделба на производители, ниту вакво нешто постои. Постои причина зошто дистрибутивната мрежа се нарекува „Дистрибутивна мрежа“, а не „Дистрибутивна мрежа и Складишта“.

Електричната енергија, во понатамошниот текст струја, е единствениот производ што се троши во истиот момент кога се произведува, законите на физиката се за сите исти. А нашата мрежа нема системи кои би симулирале складиштење како што се батерии, реверзибилни хидро-централи, балансни гасни централи и слични постројки. Можеби некои мрежи имаат вакви можности, нашата - нема. Што значи дека вишоци во мрежа, потполно исто како и потрошувачка, можете да пребивате финансиски (киловат-час за пари) или енергетски, (киловат-час за киловат-час), во претходно определена временска рамка; трето - нема.

Меѓутоа, колегата самоиницијативно си ја воведува последната категорија на потрошувачи за сопствени -негови- потреби, за да може да објасни дека цитирам, „Во Правилникот, член 5 се однесува само на последната категорија дефинирана како Потрошувач-производител (анг. Prosumer).“

Има три клучни реченици во реакцијата на ценетиот колега, кај што ја објаснува неговата реакција на мојот текст, да ги изложиме овде:

1. „Дали границите (на максимално дозволен инсталиран капацитет од 6 kW, заб. моја) се добро поставени е политичка одлука и во тоа не би навлегувал.

2. „Зошто е формулата C = PCE*0,9*Ei/Ep? Не навлегувам во формулата како што е дефинирана, може да биде и целосно поразлична, но наменета е да се исполни главната цел на дефиницијата prosumer.“

3. Формулата е направена да се дестимулира прекумерно производство според заштитени услови, што колегата (јас) успешно го покажува со пресметаните цени.

Значи, колегата коментира политички одлуки (сите одлуки во енергетиката се политички) во кои не сака - според сопствено признание- да навлегува, но навлегува, - ама, не би навлегувал. Но знае дека ова е направено за да се „дестимулира прекумерно производство според заштитени услови“, кое јас успешно го бев бил прикажал со формулите. Значи, заштитени услови за производство постојат, само прашањето е – кого штитиме. Дали постои прекумерно производство, ќе видиме.

Овојпат наместо да се плеткаме со математика, ќе ви раскажам приказна: знаеме дека дадена власт, сосе нејзини министри, е ужасно лош производ: кратко трае и брзо се расипува.

Да претпоставиме дека веќе утре, сосема е можно, ќе се појави некој нов министер за економија, кој на првата прес конференција на која ќе излезе да се претстави пред граѓаните ќе изјави вакво нешто:

„Во однос на правилникот за обновлива енергија, можам да ве известам за следново: Во врска со ограничувањето на максималниот производствен капацитет се отстранува ограничувањето на капацитетот од 6 kW и се заменува со зборовите „колку што дозволуваат техничките услови“, а со цел да се стимулираат граѓаните на вакви инвестиции, владата донесе одлука дека секој киловат-час испорачан во дистрибутивната мрежа ќе ви биде платен по двојна цена од онаа која вие му ја плаќате на снабдувачот во скапа тарифа, која и да е таа во даден момент.

Оваа мерка ја воведуваме со неколку цели: прво, инвестицијата во сопствени фотоволтаици да ја направиме што поисплатлива за граѓаните, да го намалиме колку што е можно производството од ЕСМ кое и онака не работи по пазарни услови, да се обидеме да ја елиминираме или барем да ја намалиме зависноста на државата од увоз, да го диверсифицираме производството на струја од што повеќе извори заради стабилизација на дистрибутивната мрежа, да ја забрзаме енергетската транзиција кон обновливи извори со учество на приватен капитал и да придонесеме кон намалување на загадувањето на воздух со транзиција кон зелена енергија. Да ве потсетам, имаме и термоцентрала за затворање. На крај, ова е добар потег и за планетата Земја“.

Шок и неверица! Добра приказна! Штета што е ова фантазија на авторот, не може мене да ми се паднат такви карти, мене може само да ме дестимулираат од производство по заштитени услови, такви се формулите, нема тука што да се прави...

Меѓутоа, мислите дека вакво нешто не постои? Постои, само на друго место.

Секоја држава си ги определува своите приоритети во согласност со својата стратегија, а сите до една сакаат да станат енергетски независни, прашањето е само како. Па така, да не ја тупам, за струја постојат таканаречени feed-in тарифи, т.е. стимулативни цени кои ќе ви бидат платени за секоја единица енергија која ја испорачувате во мрежа, под услов да сакате таа енергија да ви биде испорачана кон мрежа, што е политичка одлука во која колегата реакционер, нели, не навлегува.

Држави прават такви работи, од само ним познати цели. Прави и нашата: знаете дека ако произведувате на пример, тутун, заради некоја за мене непозната причина, на продадената и испорачана количина тутун државата ќе ви исплати и едно евро по килограм, и тоа се нарекува „субвенција“. Во енергетиката тоа истото се нарекува фид-ин тарифа, знаеме и ние англиски.

За да не остане ова како приказна и добри желби од авторот, со 2 секунди гуглање можете да откриете кој што прави во однос на оваа проблематика. Добро, вам може ќе ви треба и повеќе време -околу 20 секунди-, пошто мојот лап топ е штелуван прво да ги прикажува ваквите вести, па еве ви линк од буквално првата вест која ми излезе на екран:

Ви се чита? Не морате, некоја држава некаде на планетава одлучила да ги продолжи фид-ин тарифите на некое време, со цел да продолжи да стимулира производство на енергија од фотоволтаици, и тоа по тарифа од $0.20/kWh. Толку на кров, толку на земја, големи, мали, дрн -дрн.

Значи, може. Прашање е дали се сака, а дека може, може.

А ние?

Ние, ние го продадовме нашиот електро-енергетски систем на компанија која се вика ЕВН. Така што ЕВН сега располага со дистрибуцијата, снабдувањето на домаќинства, снабдувањето на слободен пазар, ЕВН е универзален снабдувач и снабдувач во краен случај и веројатно уште нешто. Позицијата на универзален снабдувач ЕВН ја има добиено на тендер кој важи до 2024 и тоа со фиксна стапка на профит од 11.5%. Што значи дека што и за да случи со струјата, ЕВН прави профит од 11.5%. Што нема ЕВН купено? Го нема купено производството на струја, за кое е задолжено ЕСМ, која пак – не работи по пазарни услови; го плаќаме ние од буџет. Озбилно? Најозбилно. Повелете линк од вчерашната изјава на директорот на ЕСМ:

ДИРЕКТОРОТ НА ЕСМ ГИ ПРОЗВА ЕКСПЕРТИТЕ ШТО КРИТИКУВААТ ДА СЕ ИЗЈАСНАТ - требаше ли да работиме пазарно....

Морам да се вратам малку на математика: нема да биде многу комплицирано, ама ќе боли: ако Х е целокупната струја која циркулира во државава во моментов, ЕВН од тоа заработува Х + 11,5%. Ако Y е струјата која граѓаните сами си ја произведуваат и/или ја испорачуваат кон мрежа, без разлика дали некој ги субвенционира или не, формулата за ЕВН станува (Х – Y) + 11.5%, при што Y е онаа струја за која ЕВН не е надлежно и нема да ја наплати и што поголем фактор е Y тоа помалку профит прави ЕВН.

-Унд дас ис нихт гут, ќе промрмори некој бизнис-аналитичар во Виена, а нашиот Мистер Здравко ќе биде тука да му кимне загрижено со главата...

И сега?

Гледаме дека постојат различни тарифни модели, различни стратегии, различни државни и различни приватни интереси, формули колку сакаш, прашањето е: што штитиме, кого го штитиме и тој што го штитиме - од кого го штитиме.

Одговорот го дава М-р. Здравко, кој што ни објаснува зошто е тоа така, аргументира зошто така мора да биде, сè друго е нерегуларно и да не навлегуваме во политички одлуки пошто има кој е задолжен за тоа, и дека всушност, живееме во најдобриот од сите можни светови:

„Формулата е направена да се дестимулира прекумерно производство според заштитени услови...“ остатокот го знаете.

Пошто од „прекумерно“ производство веројатно ќе се штитиме со увоз, а од прекумерен профит веќе сме ги заштитиле граѓаните со формули, ЕВН нема да има причина за прекумерна загриженост.

Оваа појава во општеството има име и се нарекува „клиентелизам“, веројатно сте чуле за ова и порано. Оставам сами да определите кој е тука работодавачот а кој клиентот и која е улогата на оние кои имаат нешто да кажат, а пишуваат реакции.

И да ви кажам, кој разбра, разбра. Немам намера да терам полемики понатаму на темава, бесмислено е.

Ивица Гегоски, дипл. маш. инж.

***********

На последниот текст на Гегоски, стигна уште една реакција од Андонов. Во целост можете да ја прочитате овде (word),

1 јули 2022 - 13:44