Повод: Правилник за крадење струја
Да започнам со основните инженерски постулати:
- Нема универзално решение;
- Нема најдобро решение;
- Секогаш треба да се најде оптимално решение, според критериумите на инвеститорот, а во согласност со законите и стандардите;
А сега за Правилникот и решенијата во него како и малку различен поглед на изнесените примери.
Во законодавството за енергетика постојат повеќе категории на производители на енергија:
- Кои произведуваат исклучиво за сопствени потреби;
- Исклучиво за продажба;
- Произведувачи кои дел од вишоците ги продаваат на слободен пазар;
- Произведувачи кои дел од вишоците ги „чуваат“ во мрежата;
Во Правилникот, член 5 се однесува само на последната категорија дефинирана како Потрошувач-производител (анг. Prosumer). Оваа категорија, слично дефинирана ја има во повеќе законодавства во ЕУ и има цел да им помогне на домаќинствата и компаниите кои сакаат да произведуваат струја за свои потреби, но не и на оние кои сакаат да заработуваат од продажба на енергија. Помошта се состои од дефиниран однос (подобар од пазарниот) на цена во однос набавната, по која снабдувачот ќе ја времено ќе за презема. Има и ограничувања за максималната моќност за кои важи.
Дали границите се добро поставени е политичка одлука и во тоа не би навлегувал.
За останатите категории на производители, кои вишоците ги продаваат на слободен пазар, важат пазарни услови на односите на цени (но за тоа подоцна). Но читателите, добро е да знаaт, дека можат да инсталираат фотоволтаици во домовите и компаниите согласно со капацитетот на приклучната мрежа, но со надминување на границите дефинирани во член 5, се излегува од категоријата prosumer и важат стандардните пазарни услови.
А сега мал осврт на дел од коментарите на ценетиот колега.
Зошто 0,9 (90%) во формулата C = PCE*0,9?
Искрено кажано не знам зошто е избран тој број. Тоа е политичка одлука (најверојатно договорена како прифатлива со снабдувачите), но треба да постои разлика во цените, еве и зошто.
Произведувате енергија и не ја трошите во моментот (а струјата мора да се потроши веднаш), туку му ја давате на снабдувачот на „чување“. Снабдувачот има свои трошоци за таа енергија во вид на загуби, балансирање на мрежата итн. Но на секој што малку има знаење во бизнисот секое позајмување, чување и друга услуга, тоа треба да се плати. Тоа го прават сите компании кои користат туѓи магацини, резервоари и сл.
На слободниот пазар, цената за чување на енергијата е 70% од набавната и во член 5 односот е заштитнички кон просумерот.
Доколку некој не сака да го користи снабдувачот за чување на произведената енергија, може да вгради батерии како најочигледно решение или некое друго помалку очигледно и понеефикасно решение. Но во тој случај инвестицијата е многу поголема и излегува од било каква економска логика.
Зошто е формулата C = PCE*0,9*Ei/Ep?
Не навлегувам во Формулата како што е дефинирана, може да биде и целосно поразлична, но наменета е да се исполни главната цел на дефиницијата prosumer.
Целото производство на енергија да биде од сопствени потреби, а не за продажба на пазарот. Формулата е направена да се дестимулира прекумерно производство според заштитени услови, што колегата успешно го покажува со пресметаните цени.
Секоја солидна фирма која нуди фотоволтаци, ќе му укаже на инвеститорот дека оптимален капацитет на централата (од финансиски аспект) е околу 90 % од сопствената потрошувачка и тоа треба да е водилка колку треба да се инсталира за сопствени потреби. Ова може малку да се растегне до околу 110% од потребите, за да се покрие и разликата во цената од C = PCE*0,9.
А сега малку за примерите:
Пример 1. Фотоволтаик од 6 kW поставен некаде во Скопје, на идеална локација кој ќе произведе околу 3.700 kWh за првите 6 и 3.900 kWh во вторите 6 месеци во годината (7.600 kWh/година). Сопствената потрошувачка е 1.730 kWh во првиот и вториот период од годината (3.460 kWh/година). Просечната цена за двата периоди е различна но да земеме некаде 1,8 ден/kWh на ниво на година
Пример 2. Фотоволтаик од 6 kW поставен некаде во Галичник.
Анализа на Пример1:
Очигледно е дека има голема несразмерност во производството и потрошувачката, што укажува на пример кој не е во согласност со целната дефиниција на просумер (производство за сопствени потреби). Кои се решенијата. Како што реков на почетокот нема универзално решение, но да видиме три:
- Да остане решението како во примерот и после покривање на сопствените потреби да се заработат 4.140 kWh*1,8 =7.452 ден/година (120 €). Има симболична дополнителна заработка и многу незадоволство со цената.
- Да се смали инвестицијата и да се инсталира фотоволтаик од 2,7kW, кој би произведувал 3.420 kWh енергија, практично колку се потребите. Ако сакаме да не платиме воопшто за струја тогаш може да биде 3 kW, со што ќе се покрие и фамозниот коефициент 0,9. Што ќе се добие: помалку инвестирани пари (половина) и нема дополнителни трошоци за струја.
- Да остане решението како во примерот, но да се излезе на слободен пазар (нема законски пречки!!!, но само за потрошувач не е исплатливо поради бенефицираните цени), при што потрошената струја ќе се плаќа (во моментот) по околу 250 €/MWh и ќе се продава по цена од 0,7*250=175 €/ MWh. Да ја видиме сметката во овој случај. За потрошена струја на годишно ниво ќе се плати 3,46 MWh*250= 865 €, а за продадената струја ќе добие 7,6*175= 1330 €. Што значи целата сметка за струја ќе биде покриена и ќе се оствари дополнителна заработка од 465 €. Во примерот пресметката е правена со претпоставка дека додека се произведува струја, ништо не се троши, што практички е не реално. Во пракса разликата ќе биде поголема, бидејќи нема целата струја да се купи по повисоката цена.
Анализа на Пример2:
Имајќи ги анализите на решенијата од првиот пример, јасно е решението. Домот во Галичник да се префрли на слободен пазар и со Фотоволтаик од 6 kW и претпоставено исто производство на годишно ниво (може да е повеќе или помалку, но тоа не предмет на анализата) ќе се инкасираат 7,6*175= 1330 €. Во реалноста заработката е биде нешто помала, бидејќи претпоставувам дека во куќата ќе се престојува барем неколку недели во текот на годината. Инвеститорот кој ќе постапи како во примерот, ќе биде многу среќен бидејќи инвестицијата ќе си ја врати за 4-5 години.
Двата примерa се врз база на претпоставките на колегата. Предложените решенија се во актуелните законски рамки и покажуваат дека како што се дефинирани имаат економска исплатливост. Уште еднаш да повторам, доколку некој има желба да инвестира во фотоволтаици со повеќе од 6 kW, може да го стори но тогаш мора да ги прифати исклучиво пазарните правила. Во праксата има многу различни случаи и правилниот избор на инвестиција мора да се направи на база на добро познавање на законодавството, и техно економската исплатливост на избраното решение.
Малку и за фамата за потребните документи и роковите:
За да се стави во употреба централата потребни се неколку чекори и документи:
- Одобрение за поставување (детали подолу)
- Одобрени за приклучување од електродистрибуција со поставување на двонасочно броило. Причините се објаснети погоре.
- Договор со снабдувач со енергија за купување и продавање на енергија (EVN HOME за регулиран пазар, или некој од Снабдувачите на енергија за слободен пазар)
Какви се законските рокови за добивање на oдобрение за градење?
Во Законот за gрадење (член 73 и 74) се дефинирани условите и роковите за кои треба да се добие oдобрение за поставување (не oдобрение за градење!) на фотоволтици на сопствен кров со моќност до 1 MW. Рокот е 5 работни дена, но искрено не знам некој да успеал да заврши работа во тој рок (ефикасна администрација), но обично рокот е покус од еден месец. Потребни се и ревидирани проекти за статика и електрика, за сопственикот и државата да бидат сигурни дека кровот нема да се урне (се става дополнителна тежина од најмалку 100 kg/kW) и дека новата инсталација е безбедна за корисникот, но и за сите останати поврзани на мрежата.
За крај.
Целта на моево писание е да ги охрабрам сите кои сакаат да инвестираат во oбновливи извори дека постојат економски прифатливи решенија и во рамките на постојните законски решенија. Секоe оспорување на инвестициите од различни причини (недоволно познавање на проблематиката, личен став, политички став итн.) е непродуктивно и е штетно за заинтересираните инвеститори, но и за државата во целост. И во овој случај, како во случај кога некој сака да инвестира во област која не му е позната, треба да се консултира со стручни лица од областа, кои ќе му ги анализираат опциите и ќе направат техно-економска анализа на инвестицијата. Ако се инвестира погрешно, лошите економски резултати се неминовност. Енергијата не е исклучок.
м-р Здравко Андонов, дипл. Ел. Инж.