Ок, има повеќе начини како да се краде струја. Најселскиот, очигледно, е да се правиш мутав и да не ги плаќаш сметките, ама тоа нема никаде да те однесе – ќе те исклучат. Можеш да се врзеш со кабел кај комшијата, на бандерата за улично светло, да лажеш дека си од Арачиново, што знам колку сè начини постојат, ама не познавам никој што се оправил на тој начин. Не дека нема таков, ама јас не познавам.
Вториот начин е да направиш дубара, да се стегнеш во оделце и да се влечеш по судови, со цел ризик дека ќе ја платиш и струјата и адвокатот и судски трошоци откако ќе се влечеш 10 години по рочишта што е макотрпна работа и не сум чул дека некој се оправил на тој начин, а и ризикот од срцев удар по вруќините во судниците, барем за мене, е неприфатлив.
Значи, ако сакаш да крадеш струја, (а сакаш, иначе пари од каде?) убедливо најелегантниот и најприфатлив начин е да си донесеш Правилник. И да го објавиш во Службен Весник. Нормално, за да не се сетат овие околу тебе, не можеш да го крстиш „Правилник за крадење струја“ нели е глупаво, туку ќе го крстиш, еве да речеме, Правилник за изменување и дополнување на правилникот за обновливи извори на енергија (*), ќе го објавиш во Службен Весник на РСМ бр. 138 од 16 јуни 2022, и добар си.
Ма што добар, одличен! Види мајсторе, сосе фуснота! -А што значи фуснотата?? -Абе сеа, што значи, се гаѓаат со лактови шеретски, -Значи дека: (*) овој правилник не е предмет на усогласување со Европското законодавство, ама тоа и така стои најдолу во текстот со ситни букви, па кој тоа чита?? Признај како ми текна, а??
Има, додуша и мали проблеми околу тоа, а тоа е дека за ова нешто треба да се создадат услови. Не може кој било да донесе правилник за кражба, да го прекрсти како што сака и да го објави во службен весник, малку е тоа покомплицирано. На пример, треба да имаш: 1) голема корпорација со искуство и знаење како ова се работи, 2) влада на држава без мозок и 3) некој што ова ќе го потпише, типично некој што нема да знае што потпишал дури и ако го прочита, а нели утврдивме дека никој не чита ни текст, а камо ли глупости како што се фусноти, бога ти.
Е ако се стекнат сите овие услови, го изработувате гореспоменатиот правилник, му го давате да го потпише на извесен Kreshnik Bekteshi с.р. и си одите дома со онаа позната, лесна полу-насмевка што означуваа задоволство од животот во стил на „ги заебав сите“ и си терате работа.
Од трите услови, два ми се потполно јасни: Големата корпорација е ЕВН од Австрија, влада без мозок е влада без мозок, но, зошто Kreshnik Bekteshi, чие име инаку се појавува како потписник во сите итерации на Правилникот за обновливи извори од неговото прво донесување во 2019 до денес, би потпишал вакво нешто?
На пример, од кого очекувате да потпише Правилник за операција на колено? Вие би го потпишале? Знаете некој што ќе го потпише? Дали ќе барате минимум некаква квалификација од некој што потпишува вакви документи? Меѓутоа, тоа е клучен дел од играта: треба да најдете некој што ЌЕ потпише, без да знае ништо за тоа. Со гуглање од 5 секунди ќе откриете дека пословичниот Kreshnik e „магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на Универзитетот Шефилд“ за кој длабоко се сомневам дека воопшто се наоѓа во Шефилд туку во Тафталиџе, и ако човекот на прва без гуглање знае да ви ја објасни разликата меѓу мегаџул и киловат-час, јас сум спремен да ја изедам мојата диплома од машински на плоштад, под услов некој да ми купи пиво за да не се задавам од тоа картонот.
Човекот е очигледно спремен да потпише сè што треба, освен ако не е неговото сопствено име на кирилица. Во кој случај - не потпишува.
Океј. Баталете приказни, одиме на разработка на темава. Повод за овој текст се најновите измени на Правилникот за обновлива енергија, кој беше на сите ѕвона најавен од цела политичка номенклатура и со кој беше кажано дека граѓаните конечно ќе добијат можност да постават фотоволтаична централа на покриви (уште не сум сигурен дали може по дворови) и да придонесат кон намалување на сметките за струја со сопствена инвестиција.
Дека стариот правилник не чинеше тоа го знаеме, бидејќи ниеден фотоволтаик не се појави на ниеден покрив. Дека новите измени не чинат, ќе видите понатаму во текстов ако имате трпение да читате. Приказнава оди од шупливо во празно.
Има две значајни измени со новите правила а тоа се дека: за индивидуални објекти дозволената максимална моќност за инсталација се подига од 4 kW на 6 kW. Ова со максимално дозволени 4 kW беше маестрална глупост, а ова со 6 kW е исто глупост, само малку помала, но за тоа во некоја друга прилика. Додадени се уште и куќни совети во оваа категорија, до сега ги немаше.
Мене (а и вас) ме интересира промената на начинот на пресметката, која беше најавена како мерка во корист на граѓаните, со која конечно како што беше најавено дека ќе можете да враќате струја во мрежа и да си ја употребите кога вам ви е тоа погодно во рамка на одреден временски период, кој со правилникот е поставен на 6 месеци, што не е лошо. По истек на тој период се врши пребивање, па кој ќар кој зијан, кој кому треба да плати и потоа влегуваме во нов 6 месечен период. Периодите се поставени фиксно на нова година и 1 јули, не знам зошто, ама ајде.
За да се разбереме што пишуваме/читаме, во оваа прилика ќе ви го цитирам целиот член кој се однесува на начинот и методологијата на плаќањето. Знам дека ќе се изнервирате, ама мора. Па вика вака:
Член 5
(1) Цената на електричната енергија што снабдувачот ја презема од потрошувачот-производител (C) во пресметковниот период се определува на следниов начин:
1. C = PCE*0,9, ако во пресметковен период Ei >= Ep
2. C = PCE*0,9*Ei/Ep, ако во пресметковен период Ei < Ep,
каде што:
– Ei = вкупната електрична енергија испорачана од снабдувачот и преземена од потрошувачот-производител во рамките на пресметковен период и изразена во kWh,
– Ep = вкупната електрична енергија предадена во електродистрибутивна мрежа од потрошувачот-производител во рамките на пресметковен период и изразена во kWh,
– PCE = просечна цена на електрична енергија која потрошувачот производител ја плаќа на снабдувачот за купената електрична енергија, без надомест за користење на мрежа (мрежарина) и други надоместоци и даноци, во рамките на пресметковен период и изразена во MKD/kWh.
(2) Ако електричната енергија произведена од потрошувачот производител предадена на електродистрибутивната мрежа ја презема универзалниот снабдувач, вишокот на преземената електрична енергија во пресметковниот период се вреднува согласно формулата од ставот (1) на овој член, при што во овој случај PCE е просечната набавна цена на електрична енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите
потрошувачи“
(3) Пресметковниот период од ставовите (1) и (2) на овој член изнесува шест месеци, при што првиот пресметковен период е од јануари до јуни, а вториот пресметковен период е од јули до декември.
(4) Ако постројката на потрошувачот-производител започне со работа по отпочнувањето на пресметковниот период, кој во тој случај е пократок од шест месеци, ќе трае до истекот на пресметковниот период од ставот (3) на овој член.
(5) Снабдувачот со електрична енергија може на потрошувачот производител да му понуди друг начин на пресметка на цената на електрична енергија кој е поповолен за потрошувачот-производител.
Добро. Го прочитавте, не го прочитавте, не е важно, сега ќе направиме симулација на цената да видите колку ќе заработите од сопствениот фотоволтаик за кој 6 месеци треба да вадите дозволи и да трчате по шалтери, но и за тоа во некоја друга прилика. Погледнете ја формулата за исплата во ставот 1 од членот. Во двете формули има коефициент 0.9, или по нашки 90%, а во втората има количник од испорачаната струја (а потрошена од ваша страна) и произведената струја од вашата централа, а внесена во електро мрежата. Хм. Првата формула ограничува дека овој количник не може да биде поголем од 1, ама сè уште стои факторот од 90%.
Добро, сега за да направиме симулација, треба да знаеме неколку работи:
- Колку произведува фотоволтаикот во пресметковен период од 6 месеци;
- Колку струја трошите во тие 6 месеци;
- Колку е набавната цена на струјата пошто во објаснувањето пишува дека е без мрежарина, а тоа не ви е посебно изразено во сметката за струја за да не паничите.
- Што е бе тоа 90% и зошто служи?
Фотоволтаик од 6 kW поставен некаде во Скопје, на идеална локација може да произведе околу 3.700 за првите 6 и 3.900 во вторите 6 месеци во годината. Ако правиме симулација за мојот стан, во станбена зграда во Скопје приклучен на парно греење (ова е битно за потрошувачката ако се грее некој на струја), според моите сметки за струја, јас сум потрошил 1.730 во првиот и исто толку во вториот период од годината (парно плаќам посебно).
Ова треба да си го знаете за да можете сами да направите симулација за ваш случај:
Просто соберете ја струјата од 6 + 6 сметки за струја (не парите, киловат-часовите!!) и ќе видите како е тоа кај вас.
Е, сега: колку е набавната цена на струјата? Погледнете ја сметката за струја, во нејзе е наведена цената од 7,32 денари за kWh во скапа тарифа (додека не поскапи за некој ден), а фотоволтаиците работат дење, значи во скапа тарифа. Меѓутоа, ова е цена која во себе вклучува и мрежарина, која е регулирана од Регулаторна комисија и за приклучок од категорија LV2, каде што спаѓаат и домаќинствата, во моментов изнесува 2,8232 денари за киловат-час. Значи, набавната цена на струјата можеме да ја пресметаме како 7,32 – 2,8232 = 4,4968 денари за киловат-час, да заокружиме на 4.5 денари во моментов.
Останува последното прашање, што е тоа 0,9 и зошто служи, а одговорот е – не знам. Ваљда очекуваат бакшиш од 10%, као да се амерички конобари.
Пред да ги пресметаме износите во формулите, морам да ви објаснам уште една работа, т.е. како целата наплата се изведува. Значи, рековме дека има пресметковен период од 6 месеци после кој се пресметува плаќањето. Тоа не значи дека вие нема да добивате сметки за струја, па потоа одеднаш ќе добиете 6 сметки, што веројатно ќе предизвика ваша лична финансиска катастрофа. Вашиот струјомер сега има две тарифи, скапа и евтина, кои се посебно изразени во сметките и засебно се наплаќаат. Со поставувањето фотоволтаик и добивање на дозвола за приклучок ќе добие и трета тарифа, т.е. онаа струја што вие ја враќате во мрежа ќе се запишува на посебно место. Е, значи секој месец ќе добивате сметки за онаа струја што сте ја повлекле од мрежа како и до сега, а онаа трета тарифа за вратена струја ќе се отчитува двапати годишно, па со неа финансиски ќе се пребиваме, па кој ќар, а кој зијан, - ќе видиме. (технички ова не е баш така, ама морам да го упростам малку за да ме разберете што зборам, а всушност во реалноста изгледа точно вака, само интерпретацијата е упростена.)
Пошто ги имаме сите параметри сега, да видиме што ќе кажат формулите за пресметка.
Според софтвер за симулација, мојот фотоволтаик би произвел 3.700 kWh и 3.900 kWh во прв и втор период, а јас сум потрошил 1.700 kWh во двата периода, значи мене ме фаќа формулата број 2.
Па каже: С = РСЕ * 0,9 *Еи/Еп, С = 4,5 *0,9 *1700/3700 = 1.86 денари за kWh за прв пресметковен период, и
С = РСЕ * 0,9 *Еи/Еп, С = 4,5 *0,9 *1700/3900 = 1.76 денари за kWh за втор пресметковен период.
Коментар 1: Јеееј! Кај има струја за 1.86 денари? И ја сакам да купам! Па тоа е поевтино од евтината тарифа во мојата сметка за струја!
Коментар 2: Глеj како ми паднала цената на мојата струја во втората половина на годината, без никој да направи ништо?
Но, според најдобрата традиција на продавачите на магла, ова е вистински момент во кој треба да се извика „НО ТОА НЕ Е СЀ!“
Имам и куќа во Галичник во наследство, на која исто сакам да ставам фотоволтаик. Во Галичник патот преку зима е затворен заради снег, и се отвора дури некаде на први мај, па куќата преку зима не ја ни користиме, немаме како. Реална шанса е во првиот пресметковен период да не потрошам струја ако сум го испланирал одморот во август, што значи дека имам Еи = 0 струја во прв пресметковен период. Ако го ставиме ова во истата формула од погоре, формулата ќе даде резултат = 0 (нула). Нула. НУЛА!!!
Ај да провериме уште нешто. Регулаторна деновиве се пењави по телевизии, држи дебати, објаснува дека струја мора да се штеди, па за да стимулира штедење ќе воведувале блокови на цени на струја, што демек ќе значи што повеќе ќе трошите, поскапо ќе плаќате. Првиот блок е предвидено да биде на 210 kWh, што е некаков апсолутен минимум за месечна потрошувачка.
Да замислиме дека сте супер штедливи со струјата, и дека секој месец трошите по 210 kWh, во тој случај вашата струја ќе се процени помеѓу 1,3 и 1,37 денари за kWh според истата симулација. А вие набавената ја плаќате по 4,5 денари плус мрежарина. И како е сега ова фер, или барем логично?? Да размислиме и за фактот дека производители на струја по тековниот закон не плаќаат мрежарина, мрежарината ја плаќа исклучиво крајниот купец. А вие ако имате фотоволтаик, сте производител. Јака муда производител. За споредба, евтината тарифа од вашата сметка изнесува 3,67 денари, па видете си сами. Излегува дека што повеќе трошите, повеќе ја ценат и вашата струја, пошто ваљда сте голем чорбаџија, а тоа кошта. Браво и за Регулаторна и за правилников.
Него, да се вратиме малку на галичката струја од погоре, онаа за која пресметавме дека ќе ми ја платат по 0 денари (плаќање по нула денари, нели е тоа оксиморон??).
Тоа што ако поставам фотоволтаик мене нема да ми ја платат, не значи дека таа струја не постои. Ова не е криптовалута, туку реален производ. Некаде во мрежата во Македонија циркулираат тие 3.700 kWh струја, а мрежата ја контролира Електродистрибуција, поточно ЕВН- Електродистрибуција, дел од групацијата ЕВН. Од нив исто ја добивате и домашната сметка за струја. Што мислите, како работи корпорација? Мислите дека галичката струја што не ја платиле, ќе му ја подарат некому, или барем ќе ги вратат парите во буџет, пошто од буџет се субвенционира струјата како што ни кажуваат дека нема пазарна цена па мора да штедиме?? Ај размислете повторно. ЕВН е корпорација, а корпорација не работи така. Корпорација остварува профит, а профит се остварува од разлика на цени, и тоа што поголема. Пошто ЕВН не снабдува само домаќинства туку и фирми, за да го максимизира профитот во истиот момент струјата ќе ја фактурира на некоја фирма која плаќа пазарна цена, значи многу поскапо од вашите 7,32 денари.
А набавна цена нула, хехе. Нешто малце ситно за оние кои мора да идат на работа стегнати во машни на +40 степени, бонус барем за нови гуми на џиповите, а остатокот од парите спакувани право за Виена, и таму не е лесен животот...
Да прашам, чисто за чешање јазици по кафана: Ако овој текст го прочита некој правник, може ли да ми објасни нешто? Како е третирано според кривичниот закон делото кога ќе платиш нешто по нула цена, а го препродаваш по пазарна, и тоа, машала берзанска цена? На пример, нечиј точак врзан пред влез? Смееш воопшто нешто да платиш по нула? Има робови во државава?
Се зезам. Никој нема да стави фотоволтаик во Галичник за да ги части уберлордовите од Виена, бар не со ваков правилник за наплата. Пораката е јасна: не пипајте таму, нема да ви платиме. Во Галичник, а и во многу испустени села не живее никој, и тоа така треба да остане. Покривите од куќите со време ќе се срушат, сè тоа ќе обрасне со трева, немој на некој да му текне да произведува нешто на нив. Имате градови, живеете по станови, плаќајте струја и без многу паламудење.
А, имаме термоцентрала за затворање. Покриви на испустени села можете да ги третирате како пустелија или како електроцентрала, зависи од вашата точка на гледиште. Ако јас, вие и други луѓе инвестираме во тоа, државата не се задолжува. Што повеќе ние граѓаните ќе произведеме струја, помалку ќе треба да се повлече од ЕСМ, значи помалку ќе се оптовари буџетот со субвенции. А другото гледиште? Имате странски корпорации кои диктираат правила, имате влада без памет и имате корисни идиоти како Kreshnik од почетокот на текстот кој сè тоа ќе потпише, и толку. Ќе ти направат сè тоа што ќе им дозволиш да ти направат.
Посао је добар, а пара лака.
И сега, да резимираме, доаѓа келнерот за наплата.
Колку рековме дека е цената на струјата што ја произведувате? Не знам, некаде помеѓу нула и 90% од набавната цена на струјата, која-годе да е набавната цена (бакшиш од 10% урачунат у цената, бато!). Што да ви кажам, не знам.
Колку струја ќе враќате во мрежа?
И тоа не знам, зависи од вашиот стил на трошење струја. Голема е шансата да не трошите од сабајле, кога работи фотоволтаикот, пошто вие на работа децата во градинка/школо, дур се приберете дома се стемнило. Во тој случај огромен дел од производството ќе се врати во мрежа, рутерот за интернет не е некој потрошувач.
Или па имате баба дома која готви, пере и троши од сабајле. Сè тоа зависи, а има и шанса дека ќе треба малку да го промените начинот на трошење, на пример да пуштите машина за перење во 12 на пладне кога фотоволтаикот е на максимум, наместо да ја вратите во мрежа и да му дозволите на ЕВН темелно да ве испљачка. Исто така, ако се греете на струја, немојте многу надежи да полагате во фотоволтаикот дека ќе ве спаси, преку зима системот многу лошо работи. Рано се стемнува и лошо е времето.
Па што знаеш бе дечко, што пишуваш вакви текстови? Скоро ништо. Знам на пример, дека со поставување на фотоволтаик ќе може нешто да заштедите, добро влијае врз човековата околина, од 6 kW ќе спречите емисија од околу 3 тона СО2 во воздухот споредено ако таа струја би била произведена од фосилни горива, ќе ве чини нешто околу 5.000 евра инвестицијата, за ова ќе треба да трчате по шалтери околу 6 месеци за да ги добиете папирите, и тоа е отприлика сè. За да не знам ништо се погрижиле луѓето што го правеле овој правилник.
Заклучоците ги оставам на вас самите.
На крај, збор-два за причините зошто е напишан овој текст: Има троа бледо светло на крај на тунелот. Светлото е напишано погоре во текстот, не знам дали успеавте да му обратите внимание во последниот став на член 5 од правилникот. Да го цитираме повторно:
(5) Снабдувачот со електрична енергија може на потрошувачот-производител да му понуди друг начин на пресметка на цената на електрична енергија кој е поповолен за потрошувачот- производител.
Мислам дека оваа формулација е оставена како отстапница, за случај да ги фатат што имаат намера да прават, па после да може да се вадиме. Прилично итро изиграно, морам да признам. Намерата на текстов е да ги изложи овие плетканици на видело, да предизвика реакција кај луѓето, стручната јавност и потенцијалните инвеститори и да седнеме на маса да се најде некое чаре, каде што, инженерски речено, мојот киловат е еднаков на вашиот киловат. Ова вака на ништо не личи.
А за Kreshnik и останатите крешници лако ќемо, он и онака ќе потпише сè за што ние ќе се договориме, ако знаеме да кажеме што сакаме.
Ивица Гегоски, дипл.маш.инж.