Прашање за (преку) милион долари

Дали брачен другар на сопственик на фирма со невратен 1,6 милиони евра долг од ограбената Еуростандард банка може да биде член на Судски совет?

Позади грабежот на нашите депозити од Еуростандард банка стои добро организирана мрежа на разни измамници. Во таа мрежа не се само вклучени раководните лица на Еуростандард банка, веќе добро познати во јавноста, кои го организирале и спровеле грабежот преку одобрување на ненаплатливи кредити, како и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и нејзиниот прв тим од Народна банка кои го одобриле и молчеле за грабежот на парите, а со тоа директно учествувале во неговата реализација.

Во мрежата се вклучени и сопствениците на фирмите кај кои завршувале нашите пари или биле делени понатаму, а кои свесно не ги отплаќале кредитите со години.

Еден од тие учесници во грабежот на нашите пари е Зоран Црвенковски, сопственик на фирмата должник Екопласт Рисајклинг доо увоз-извоз од Скопје, сега во стечај. Оваа фирма има долг од 1,6 милиони евра кон Еуростандард банка, а за којшто нема платено ниту една рата повеќе од две години пред затворањето на банката во август минатата година. Во времето кога ѝ е одобрен кредитот, фирмата веќе била презадолжена повеќекратно од нејзниот капитал и со големи загуби. Со други зборови, Зоран Црвенковски свесно земал милионски кредит во евра врз основа на ултра лоши перформанси на фирмата и четири пати помало обезбедување, а за истиот не платил ниту денар повеќе од две години. Долгот кон банката сега и не може да се наплати, бидејќи не само што е неосновано одобрен како кредит, туку намерата да тој воошто не се врати се гледа и во свесното носење на фирмата во стечај.

За тоа што Зоран Црвенковски со умисла го земал милионскиот кредит во евра односно нашите лични пари и потоа свесно со умисла ја довел фирмата во стечај, очекуваме да одговара пред судските органи.

Од друга страна, се прашуваме дали Зоран Црвенковски и многу други сопственици на фирми должници како него кои учествувале во грабежот на депозитите од Еуростандард банка, ќе дочекаат да одговараат за нивните сторени дела. Прашањето и воопшто сомнежот е затоа што во овој случај Павлина Црвенковска, која е сопруга на Зоран Црвенковски, е член на судскиот совет, органот којшто ја контролира судската власт.

Павлина Црвенковска, претходен судски советник во Апелациониот суд во Скопје, а во декември 2020 година назначена за член на судскиот совет со сегашна амбиција да стане и претседател на истиот, има големи надлежности. Таа може да ги избира и разрешува судиите и претседателите на судовите, да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите, да утврдува нестручно и несовесно вршење на судската функција, да ја следи и оценува работата на судиите, како и други многу значајни надлежности од работата на судската власт.

Се прашуваме, каква е моралната одговорност и интегритет на Павлина Црвенковска да биде член на судскиот совет и да одлучува за постапувањето на судиите кои се очекува да бидат ангажирани во постапките против инвловираните чинители на грабежот во Еуростандард банка, меѓу кои е и нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски? Дали Павлина Црвенковска може да биде непристрасна во спроведувањето на правдата и одлучувањето на судиите против дејствијата на нејзиниот сопруг ако остане да биде член на судскиот совет!?

Како вршител на јавна функција, се прашуваме зошто Павлина Црвенковска не ја пријавила во нејзиниот анкетен лист и сопственоста на нејзиниот сопруг во фирмата Екопласт Рисајклинг, а уште помалку земените а не вратени пари во износ од 1.600.000 евра. Вкупната вредност на се што е пријавено во нејзиниот јавно достапен анкетен лист, заедно со имотот на нејзиниот сопруг, изнесува околу 65.000 евра, што е неспоредливо помалку од нашите пари коишто завршиле кај нејзиниот сопруг. Тоа се туѓи пари кои Зоран Црвенковски ќе треба да одговори каде се наоѓаат и истите да ни се вратат.

Длабоко сме уверени дека ова е и еден од одговорите зошто упорно се молчи за сторениот организиран криминал и корупција во случајот со грабежот на депозити во Еуростандард банка.

Дали конечно некоја надлежна институција, премиер, вицепремиер, министри, истражни органи, органи на прогон или било кој друг, ќе се произнесе и ќе направи нешто за решавање на овој масовен организиран криминал и висока корупција, или и понатаму ќе се игнорира и молчи?

Очекуваме и бараме и итно произнесување за овој конкретен случај од министерот за правда Бојан Маричиќ и преземање на активности за негово решавање. Ваквиот начин на однесување со толерирање и молчење за сторен масовен криминал и корупција и за сите инволвирани чинители во него, нема да донесе ништо добро во нашата земја, а најмалку напредок во евроинтегративните процеси за кои сите се надеваме и ги посакуваме како наша заедничка цел.

**************

Епилог:

Судскиот Совет едногласно даде Амин на Криминалните активности во Еуростандард банка

Изборот на Павлина Црвенковска за Претседател на Судскиот совет и тоа едногласно, со оглед на околностите врзани за сега веќе избраниот Претседател, не може да биде толкувано поинаку освен аминување на ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ во Еуростандард банка.

Ние како Здружение „Правда за штедачи“ до сега најтранспарентно изнесувавме и ќе изнесуваме информации за сите кои сметаме и за кои имаме и докази дека се инволвирани во КРИМИНАЛОТ во Еуростандард банка.

За овој конкретен случај да биде уште пошокантен и поневеројатен, верувале или не, во целата оваа работа е вмешана и нивната ќерка Ирина Црвенковска, која била вработена во Еуростандард банка и веројатно веќе погодувате, каде друго ако не во службата за кредитирање на правни лица.

Здружението

******************

* повеќе

28 април 2021 - 09:09