Македонците од многу предели на денешна Албанија во различни периоди се повлекуваат кон исток, но најголем број, во последните два века од османлиското владеење.
Иако низ селата со бројни македонски имиња во внатрешноста на Албанија долг период не можат да се сретнат Македонци, сепак нивното историско присуство е овековечено во живата словенска топонимија, прилагодена на албанскиот јазик.
За разлика од Грција која во Егејска Македонија систематски во неколку години збриша над 2 000 македонски топоними, среќна околност е што во Албанија и меѓу доминантното албанско население топонимите продолжија да егзистираат.
Не станува збор за ограничен простор, туку словенските називи широко се распространети низ целата територија на денешна Албанија.
Во крајниот северен дел, во околината на Скадар зачувани македонски топоними се: Широка, Голем, Велиполе, Добар, Градец, Добрач, Брег, Загора, Селце итн.
Во централниот дел се наоѓа округот Елбасан и во неговата поблиска околина опстојуваат селата: Јагодина, Сушица, Лешане, Кукуш, Рајца, Сојник, Мелник, Манастирец и други.
- Иселеници од Рајца денес живеат во струшките села: Враништа, Мислешево и Ложани.
Во околината на градот Белград (Берат) постојат над 70 населени места кои имаат македонски (словенски) називи. Покрај гратчето Кучово, ќе наидете на селата: Черешник, Војник, Брештани, Садовица, Рошник, Козаре, Богово, Камчиште, Градец, Рахово, Селани, Лесково, Церица, Капиново, Крушево, Височица, Старавица, Забрежани, Нишица, Корито, Оризари, Радеш, Старово, Церово, Черешниште, Велебиште, Бело Брдо, Брждан, Бистровица, Вирјани, Добревник, Ветерник итн.
Ако се движите кон западниот дел на земјата и преку Фиер, патувате кон Валона, ќе ги сретнете македонските називи: Ново Село, Градец, Црковине, Сушица, Гуменица, Водице, Луково, Нивици, Канино, Бистрица, Струма, Камчиште, Висока, Белине, Бабуње, Дивјак, Градиште, Старавец, Грешница итн.
Во јужниот дел на Албанија, во околината на Ѓирокастро, доказ за некогашното присуство на Македонци се македонските имиња на селата: Лешница, Драчево, Вршиште, Гостивиште, Боровница, Грабово, Кршово, Петрани, Черешово, Бистрица, Косово, Косина, Биовижда итн.
Преплавена со македонска топонимија е корчанската регија, каде што до најдоцна опстојуваат последните две македонски села на албанската географска територија – Бобошчица и Дреновени. Денес, во околината на Горица (Корча) (не вклучувајќи ја областа Мала Преспа) целосно албански населени места со македонски топоними се: Загоричани, Ѕвезда, Братомир, Рамен, Лешница, Полјани, Каменица, Породин, Трстеник, Заградец, Височица, Видово, Брачани, Трн, Мочуриште, Ракицко, Селиште, Жичиште, Слатина, Селце, Пештан, Ложан и многу други.
Може да се забележи дека голем број од овие топоними, со иста или слична форма се среќаваат и на територијата на Македонија.