Мајка да јаде...

Прасечко, го викаат бајадера. Прасе цицалче, без коски, наредено па исечено на коцки за секое парче месо да има и месо, и мрсно и крцкава кожичка - мртва уста да го јаде.

Одев денеска со другарите во посета на Соња, драгата пријателка Соња, школска на татко ми и мајка на моите другари, баба на моите кумчиња, многу ми се има најдено во првите денови на имиграцијата, во Англија, а сега се има повлечено во Шумадија, во куќа насред шума која се вика арборетум, што на италијански значи насад на дрвја на сите страни од светот. Таму пеат косови. Убава е нашата земја во пролет, баш.

Убаво си поминавме, меѓутоa, тоа не е темата. Темата е најдобрата храна која сум ја јадел последните години а која ја служат во една печењара во Аранѓеловац.

Ми ја препорача Бочва ама ни требаше големо вртење па за малку да не отидеме, ама Бочва преку телефон ме молеше и запомагаше да не ја пропуштам приликата, дека вреди за патот.

Прасечко, го викаат бајадера. Прасе цицалче, без коски, наредено па исечено на коцки за секое парче месо да има и месо, и мрсно и крцкава кожичка - мртва уста да го јаде. Ништо поделикатно и пофино во српската гастрономија немам пробано, поркетата од Кастел Романа не може ни слугинка да ѝ биде. Дури и прасенцето од Саламанка, во Шпанија. кое четворица го изедовме цело, толку беше малечко, ко мачка, душа да ни изгори, ни тоа не беше подобро. Не е ова како бајадера, повеќе е како баклава, ако ме разбирате.

Денеска, значи, разбрав што значи онаа старата: мајка да јаде, ќерка да гледа, мајка на ќерка да не дава.

Печењарата се вика Мали храст, иако не треба тоа да го кажувам, кога минатиот пат за Гардијан напишав статија за кафана во мојот крај во Лисабон, нагрнаа Англичани, се рашири муабет и се претвори моето локално кафанче во туристичко; дигнаа цена и го избугарија.

Дејан Тиаго Станковиќ

* Бонус: Локација и резервации

********
Од истиот автор:

Повторувањето не е мајка на „Северна Македонија“

27 мај 2021 - 08:55