Начин на дејствување
Прирачникот брзо се апсорбира во клетките заболени од транзицијата. Ја инхибира глупоста и благопријатно влијае врз општата раздвиженост на сивите клетки. Го поттикнува дејството на грам-позитивните (надеж, верба) и уште повеќе на грам-негативните (очај-летаргија) микроорганизми кои се пренесуваат генетски, (од татко на син, од баба на внука, од колено на колено) или перорално (со секојдневно голтање вести, особено ако тоа се прави без тие претходно да се изџвакаат).
Индикации
Хронична желба за подобар живот, акутен напад на праведност, воспаление на ушите од заразни лаги и токсични ветувања, општа замореност на организмот предизвикана со конзумирање еднолични партиски програми и анемични политички декларации.
Контраиндикации
Зашеметеност, ѕунење во ушите и чувство на партиска збунетост, особено кај лицата кои се пречувствителни на размислување со сопствената глава.
Кај таквите случаи можно е да дојде и до појава на целосна опстипација на менталните процеси, непријатна дијареа на празни зборови и однесување манифестирано со бескрајно повторување на предизборни слогани.
Дозирање и начин на употреба
Прирачникот е премал за завиткување тегли ајвар и претесен за импровизирање студентска софра на која треба да се смести половина килограм леб, кутија сардина и кромид (факултативно). Истовремено, прирачникот е претенок за потпирање расклатени маси. Затоа, се препорачува негово читање.
ЗАБЕЛЕШКА, ВО СЛУЧАИ НА ПРЕДОЗИРАНОСТ!
Во вакви ситуации, на лицето веднаш да му се прочита биографија на некој човек кој во живот успеал благодарејќи на своето полтронство и бескрајната лојалност кон своите партиски, работни или приватни шефови.
* објавено 2002, автори: Трендо и Пеце
ПОВЕЌЕ НА САЈТОТ EXTERNO.MK