На убави 88 години живот, почина нашиот пријател, нашиот Кит Ричардс поради кој се надевавме дека можеби сепак постои некој исклучок од она дозлабога упорно правило дека секоја приказна има свој тхе енд. Ѓоко Поповски, Гањо, легендарен снимател и неповторлив фраер, од оние какви што одамна не се произведуваат. Путец (постариот) викаше дека ако Елвис Присли останеше жив, ќе изгледаше и ќе живееше како Гањо.
Стварно и најстварно, без делата на Ѓоко Поповски не може да се реконструира ни дел од видео приказната за Скопје и Македонија, уште кога ги направи првите снимки од скопскиот земјотрес во 1963 година па наваму. Просто, тоа е така.
Веројатно наоколу ќе се најде некоја негова педантна работна биографија, но дури и најдеталната не може да ја долови страста, инстинктот, љубовта и неуморниот порив кои го тераа да биде секаде кајшто ќе намириса нешто вредно да се улови со камера. Тоа беше така и кога со децении беше дел од телевизиски редакции и документарни екипи, а и долго откако се пензионираше ама петлето за снимање уште му играше како на ентузијаст почетник.
Гањо никогаш не се наигра и тоа го држеше помлад од сите кои беа и далеку помлади од него.
Кога го снимате Тито на брод и маршалот за момент ја остава пијачката на маса за да запали пура, што би ви паднало на памет? На Гањо му дошло да проба виски баш од таа чаша. Што да не? Ај да речеш еднаш, ама нашиов трзнал и по втор пат, само што тогаш некој од обезбедувањето дискретно му дал до знаење дека ако уште еднаш ја пипне таа чаша, со пливање ќе се враќа назад.
Многумина од неговите најдобри пајташи одамна ги нема. Скендер Кули, Бакли, Диме Циго, Гела... сите тие се одјавија за последнo на шпицата на таа неповторлива епоха да се испише името на нивниот Гањо, човекот кој знаеше ведро и бескрајно да се ребри и со нив и со себе. За покоен Скендер знаеше да каже дека е толку стар што како дете го има засадено чинарот во Охрид. За веднаш потоа да додаде:
- Јас знам, пошто го имам снимано тоа.
Не трпеше фолиранти меѓу репортерите. Таквите знаеше да ги трча наоколу, залажувајќи ги дека ќе уловат „ексклузивна“ изјава, колку да им ја вади душата додека трчајќи му ги носат каблите. А тој имаше кондиција за сè; и за работа, и за семејство, и за седнување со пријатели во Чамо, скопскиот боемски Мечкин камен во кој се случуваа некои од најурнебесните скопски ситуации и муабети.
Се засакавме од прва, некаде во 1995 година, во Сител. Од првото снимање на лозја за Свети Трифун (кога еден кутар домаќин, наместо симболично да скрои една лоза, го искрои речиси цело лозје, оти стариов го убедуваше дека нешто фалело на претходната снимка), па заедничко играње козарачко во некоја охридска дискотека, па до снимките кои ми ги носеше (а не беа дневни настани) за да ги спастрам со некој текст и да ги пуштиме на вести.
Ако познавам легенда, тогаш тоа беше Гањо.
Ѓоко Поповски беше сопруг на неговата сакана Зага, и татко на Јасминка и Влатко за кои најтопло се грижеше. Искрено сочувство до нив и до поширокото семејство, од Скопје до Словенија.
На Оги од Чамо (Оги ви е најдобриот кафански плејмејкер во Скопје), Гањо знаеше да му каже:
„Стави по една пијачка, АКО поминуваш од овде“.
А седеше онаму кај што мораше да се помине.
Сега е ред тој да стави по една. Сега барем знаеме дека не АКО, туку дека СИГУРНО ќе поминеме.
Ќе фалиш стари. Нема веќе такви младичи ко тебе.
твој,
Трендо