06.07.2021.
Делта сојот пристигна и веќе започна да се шири. Најверојатно е веќе доминантен, бидејќи бројот на случаи со Алфа сојот беше занемарлив до пред една недела, далеку помал од денешниве бројки.
Ако досега имаше смисла контролата на границите, отсега повеќе нема. Увезените случаи веќе ништо не значат, а трансмисијата е локална. Сé им текнува отпосле (допрва ќе разговарале со властите од околните земји, бла, бла...), само колку да се каже дека нешто прават.
Тоа ти е како отпосле да бараш презерватив. Ништо сега, опушти се и уживај...
*********
Нешто порано:
Зарем не им беше кажано уште на 20 јуни дека Делта сојот ќе ни дојде, ако не преземат контрола уште на границите?
Секој ден се нервирам со студенти кои не сакаат да учат, а какви се овие? Во таа комисија, како прво, немаат квалификувани луѓе за оваа проблематика. Немаат ни професор вирусолог, ни професор епидемиолог или имунолог, ни професор математичар ни експерт за процесирање сигнали (од специјалноста на академик Коцарев). Немаат ни воен доктор, бидејќи во војни најмногу се случуваат избувнувања на епидемии, а тие најдобро ги знаат мерките. Па што имаат тогаш? Имаат 13 директори на болниците, но што ќе им кажат тие, дека имаат доволно слободни болнички кревети ли? Ајде нека пресметаат преносливост и трендови на епидемијата, нека пропишат мерки за ограничување и сузбивање на епидемијата, тоа ни треба ако сакаме да дејствуваме проактивно (однапред), а не реактивно (отпосле). Вака, професор Пановски само им упатува пораки преку весници, што никој не ги чита.
Но, бидна што бидна, сега е време да гледаме нанапред. После примениот гол, тргнуваме повторно од средината на теренот и можеме да планираме акција однапред, чекор по чекор. Австралијанците сега веднаш би го затвориле Велес на само пет дена, колку што просечно трае периодот на инкубација на Делта сојот. Во оваа фаза, додека вирусот не се прелеал низ целата држава, може да се затвори само еден град за да се спречи локална трансмисија. Подоцна дури да ја затворат и целата држава, нема да биде доволно.
Второ, веднаш да се воведе контрола на границите, поточно влегување само со скорешен ПЦР или брз антигенски тест или седумдневен карантин по влезот во земјата. Државата да обезбеди брзи тестови на сите гранични премини.
Трето, во комисијата да вклучат епидемиолози и вирусолози, затоа што се гледа дека вака не ја бидува работата.
Четврто, политичарите да не им се мешаат во работата на стручните лица и само да ги спроведуваат заклучоците, а никако обратно, како досега.
Само што, знаејќи со кого си имаме работа, сето ова е малку веројатно дека ќе се случи.