Можам да се обложам со кого сака дека таа тврдокорна стратегија ќе истрае до крајот на владеењето на оваа номенклатура и на истиот начин ќе ги брани сите неодбранливи потези во низа се до судниот ден. Имено, дури и да се решат (не им давам идеи, но сепак) да го предложат наследникот на Абу Бакр Ал Багдади во ИСИС за да речеме шеф на МНР или, еве полесно, за преговарач со Албанија кога и таа ќе не блокира за преговори со ЕУ, четирите одбранбени бедеми ќе реагираат на следниов препознатлив начин:
Степен први, Саше Политико: БОМБА од власта! Генијално, совршено, јадете гомна сите, вака се прави тоа, големиот терорист матер ќе им ебе на Албанците и ќе не учука у ЕУ. Тоа го чекавме, мајсторе, удри, еби им жената, мајката, се по списак!
Степен втор, Тричко: Немам потреба да знам кој е тој човек, не ги знам ниту деталите, но знам дека се разбира во смрт и убивање, а ние ако сакаме да излеземе од проклетото наследство на Црвенковски и Глигоров и особено од злосторничката оставштина на ВМРО-ДПМНЕ мора да избереме човек кој без совест но затоа со интелектуална супремација и ако сакате, со духовен авторитет ќе може и ќе смее да ликвидира, да сече глави и потоа во гробови без крст и плоча да закопува се што ни стои на патот кон освестување, а господинот од ИСИС е повеќе од доволно искусен за поставената задача да ја изврши достоинствено. Смртта на Македонија ќе значи живот за говњавите Македонци, ха, ха! Тоа е!
Степен трети, Јоцка, Избрканиот и томе слични: Ова е грешка, може да се најде и подобар егзекутор, али ај да не се праиме мрднати, ВМРО-ДПМНЕ се пропала партија, тие ќе извадеа некој секретар на Ким Џонг Ун да ги решава проблемите, Мицко време е за пензија, Црвенковски ни жена му не би го гласала, ај сиктер!
Првите три степени не го издржуваат тестот на времето повеќе од два до три часа од едноставна причина што природната глупост во кохезија со ситна пара, неграмотност и комплекс на виша вредност не можат да постигнат повеќе од припрдување во просторот кое треба да му даде време на последниот бастион да смисли нешто подобро.
И тука настапува Четвртиот степен, Орданоски и ергелата поттрчковци: Далеку од тоа дека типот од ИСИС е идеално решение, дури замерки имаме и за извоз. Заев е релативно млад, има време, ќе научи како да се справи со ваквите политички грешки во иднина, а иднината е сепак негова со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ е заглавена во внатрепартиски пресметки, борба за гола егзистенција, некреативност и судски процеси, па уште најмалку 24 изборни циклуси едноставно нема што да бара во битката со СДСМ. Тие се избезумени во потрагата по себе, Левица ли се, Десница ли се, Грујо ги контролира, а преку него Орбан, а преку Орбан Русија, треба ли да се каже дека САД и нашите стратешки партнери нема да дозволат никогаш повеќе московски казачок да се игра во Скопје. Ако не ми верувате мене, верувајте им на моите извори во Бундестагот, во Елисејската палата, во Стејт Департментот и во Пентагон, амбасадори, генерали, сенатори и гувернери сите се согласни и сите лично ме уверија дека нема поинаков начин освен да се носат одлуки, макар и на прв поглед штетни за општата клима, но кои во догледна иднина ќе донесат некаква полза за македонските граѓани, сите заедници што живеат во РСМ, па ако сакате и за вмровците кои се уште не се во состојба да разберат дека владата работи и за нивно добро. Да оставиме да покаже времето, ѕвездата на премиерот свети се посилно иако небото е поприлично темно.
Дали се во право што инсистираат на овој систем - не знам, не сум сигурен дали има нешто друго во позадина, иако таквата предвидливост нуди толку големи можности за опонентите што вистинско чудо е како досега овој медиумски шарлатанизам не е адекватно третиран со висок формат на лекови во вид на знаење, професионалност и факти и потоа разбиен на парчиња, како таков чесно да биде шутнат во најмувлосааните одаи на минатиот срам. Тоа е!