Булдожирањето на РЕК Битола

Толку ли е онеспособена државата од внатрешни штеточини, па не знае самата да си купи булдожери и со нив самата да работи, па решила да ги чести приватниците? Ако ова не претставува доволен факт уште утре обвинителството да влезе во РЕК Битола и да ги уапси сите кои учествувале во склучувањето на овие штетни договори, тогаш не заслужуваме да се нарекуваме држава.

Да го земеме за пример случајот со десетте булдожери кои биле ангажирани за 260 евра на час, односно 6.300 евра на ден по булдожер (види: Власта на заминување се утепа од крадење...). Од овие износи се гледа дека тие наводно работеле по 24 часа на ден. Овие булдожери, иако се големи машини, бидејќи се движат бавно немаат преголема потрошувачка на гориво. Таа изнесува 20-30 литри дизел гориво на час, односно до 750 литри гориво на ден. Во пари тоа изнесува до 900 евра на ден. Бруто работниот час на работникот, заедно со придонесите изнесува најмногу до 8 евра на час, односно до 190 евра за 24 часа.

По одземањето на овие трошоци од приходите, добивката пред оданочување изнесува околу 6300-900-190=5.210 евра на ден по булдожер. После 10% данок на добивка остануваат околу 4.700 евра на ден. Ако цената на еден нов булдожер изнесува еден милион евра, тогаш приватникот би ја вратил инвестицијата за само 212 дена, односно приближно за половина година.

Од тој момент понатаму тој има безричизен профит од 10*4.700=47.000 евра дневно, односно 17 милиони евра годишно и принос на инвестицијата од вртоглави 170% годишно на 10 милиони евра, односно 10 булдожери! Доколку пак изнајмил машини на лизинг, тогаш уште од првиот ден има сигурен и безризичен поток на пари, на штета на државата. Киријата за лизингот се отплатува од приходите во одење - "pay as you go" план. Потребно е само да се среди работата и да се добие тендерот, а тука нема место за случајности.

Толку ли е онеспособена државата од внатрешни штеточини, па не знае самата да си купи булдожери и со нив самата да работи, па решила да ги чести приватниците? Ете го доказот за противправно овозможување имотна корист на други лица, според член 247 од Кривичниот законик. Злоупотребата на службената положба и овластување се докажува пак со самото давање на работата на приватни компании, иако државната компанија можела и морала самата да ја работи истата работа.

Ако ова не претставува доволен факт за уште утре обвинителството да влезе во РЕК Битола и да ги уапси сите кои учествувале во склучувањето на овие штетни договори (ќе си кажат самите кој бил „мозокот“ на операцијата), тогаш не заслужуваме да се нарекуваме држава. Уште еднаш повторувам дека ова не можело да се случи без знаење на обвинителството, па дури и на самата Влада. Ако не знаеле, сега знаат, па нека го решат проблемот.

Епидемијата на корупција и политиката на неказнивост нé доведе до самиот раб на пропаста како организирано општество. Згора на сé, се појавија правници да теоретизираат дека сме биле суверена држава, во чие судство не требало никој да се меша. Не мора никој однадвор да се меша во судењата, ама нека ги земат доказите од американската амбасада (штом не биле кадарни самите да ги обезбедат) и нека постапат по нив.

Ние граѓаните пак можеме само да продолжиме да се караме околу тоа кои се поголеми предавници или патриоти и пак да гласаме за истите штеточини и на наредните избори. Да не се чудиме тогаш зошто производствената цена на електричната енергија наместо некогашните 36 евра/MWh денеска изнесува 80-100 евра/MWh, што владата со субвенции (за кои неписмено тврдат дека изнесуваат 90%, иако процентот е двојно помал) мора да ја сведува на 56 евра/MWh.

Владата го субвенционира сопственото недомаќинското работење и криминалот во државните компании. Неинформираните граѓани се задоволни, власта е задоволна (парите секако се народни), ама затоа буџетскиот дефицит расте и долговите се трупаат.

Да се потсетиме, актуелната власт дојде на позиција со ветување дека ќе купат свои машини и дека ќе престанат со ангажирање на приватни компании во државните и јавни претпријатија. За жал, продолжија по разработената шема и тоа нема да престане ниту со оваа, ниту со идната власт од постоечките големи партии.

Дури ни вработувањата што масовно се вршат немаат врска со производството - наместо ракувачи на машини и инженери се примаат непродуктивни луѓе, кои само ги зголемуваат трошоците и загубите. Сите зборуваме за вработување на некакви неписмени партиски војници, но ова со ангажирањето на приватници е многу поголем проблем.

Решението е само доведување на нови луѓе на власт, но претходно мора да се разработат правни механизми, макар со помош на ЕУ, за процесирање на криминалците, одземање на нивното богатство и нивно сместување зад решетки. Што ќе правиме пак со инспекторите и обвинителите кои не си ја сработиле својата работа? Кој ќе ги апси нив?

Дејан Трајковски

****************

На сликата: вандализираниот транспортен систем за јаглен од рудникот Брод-Гнеотино до термоелектраната на РЕК Битола. Моментално со 20-тонски камиони, кои излегуваат од рудникот на секои 7-8 минути (до 200 камиони дневно, под услов да се работи деноноќно) можат да се транспортираат одвај околу 4.000 тони јаглен дневно, иако овој рудник би требало да задоволи барем една третина од потребите на електраната од 18.000 тони јаглен на ден. Новинарите можат самите да снимаат и точно да избројат колку камиони излегуваат на час.

28 јануари 2024 - 11:08