Свински врат со 'Ндуја и Пико де Гајо салца

Ако привршивме со следење флуктуации по берза и праење милиони за пола саат од крипто, јас предлагам да седнеме и да каснеме нешто. Ако не е тајна.

Има работи шо не се купуваат со пари, како на пример, идејата да ги искомбинираш овие три класици од разни географски региони и да им приредиш ненадејна журка на сетилата.

Ѕвезда на претпладнето е свинскиот врат. Вистински брат! Прво мислев да го цепам клот, па ме фати мрза да распалувам скара на 30+ целзиусови и така решив да го почастам со еден одличен твист, затоа што работата веќе беше на-ВРАТ-на-нос. Во последно време сите станавме стручњаци за томахавки, медаљони, бифтеци и сл. и скроз ги запоставивме пролетерските класици како што е свинскиот врат. Не викам дека не треба да се надоградуваме, но да не си тураме пепел во темелите.

Тука доаѓа и ‘Ндујата - тој супер зачинет бисер калабриски, како неканет гостин aka падобранец. ‘Ндујата e намаз што плени со својот непредвидлив карактер, експлозија од вкусови и куленско понашање. Таа е месна ферментирана рапсодија во тегла. Доаѓа со бескомпромисна огнена природа која леми-килмистерски ја распалува сцената. Од неа правиме кремаст сос.

Додаток број два е Пико де Гајо салцата, тој експлозив од свежина, боја и животиште. Свежи домати, кромид, зелена пиперка, магдонос и лимета, сите во хармоничен танц на вкусови што ја канселираат монотонијата како шатирани воук самовили. Оваа салца е симбол на гласот на заедницата, на испотценетото вокс-попули: секој поединечен елемент е поединечно важен, но заедно формираат пакт кој што има моќ да го трансформира обичното во нешто извонредно. Во времиња на континуирана несигурност, оваа салца нè потсетува дека секогаш има простор за свежина, оптимизам и надеж. Така, кога ќе го приготвувате овој оброк, немојте само да готвите колку да ви мине ред. Размислете за сложеноста на светот додека сечкате домати. Препуштете се во критична анализа за економската динамика додека ‘Ндујата се топи во тавата. И секој залак нека ви биде потсетник дека, без оглед на хаосот и непредвидливоста, имаме моќ да создадеме нешто прекрасно и значајно, нешто што нè поврзува со нашите корени и култура што се длабоко жигосани во нашето ДНК.

За овој спектакл ќе ни бидат потребни:

Cвински врат: 4 парчиња свински врат (околу 150-200 гр по парче)
Сол и свежо мелен црн пипер по вкус
1 лажица маслиново масло

За 'Ндуја сосот:
2-3 лажици 'Ндуја. Како алтернатива може да се користи и кулен сецкан на многу ситно. Иако вкусот не е сосема ист, сепак би свршил работа.
1 помала главица црвен кромид, ситно сечкан
200 мл. пилешки бујон
100 мл крем за готвење
1-2 чешниња лук, ситно сечкани 1 лажичка црвен пипер (опционално, за побогата боја и вкус)

За Пико де Гајо салцата:
2-3 средни домати, ситно сечкани, исчистени од семки
1-2 зелени пиперка ситно сечкана
Црвен кромид, ситно сечкан
Китка свеж магдонос, ситно сечкан
Сок од 1 лимета
Сол и свежо мелен црн пипер по вкус

Упатство:

Подготовка на Пико де Гајо салцата: Доматите исечете ги на половина, исчистете ги од семките и ситно исечкајте ги на коцки. Зелената пиперка и црвениот кромид исто така ситно исечкајте ги на многу мали коцки. Магдоносот такуѓере. Во сад за мешање измешајте ги доматите, зелената пиперка, црвениот кромид и магдоносот. Додадете го сокот од лимета, сол и црн пипер по вкус. Добро измешајте и оставете ја салцата настрана за да се соединат вкусовите.

Свинскиот врат: Зачинете ги парчињата свински врат со сол црн и црвен пипер од двете страни. Во голема тава загрејте го маслиновото масло на средно висока температура. Додадете ги парчињата свински врат и печете ги 4-5 минути од секоја страна, додека не добијат убава златно-кафеава боја.

'Ндуја сосот: Во истата тава каде што го печевте месото (не треба да ја чистите, сокот и сагите од месото ќе го интензивираат вкусот), додадете ситно сечкан црвен кромид и динстајте го 2-3 минути додека не омекне. Ако користите лук, додадете го сега и динстајте уште 1 минута. Додадете ја 'Ндујата во тавата и измешајте ја со кромидот. Динстајте 1-2 минути, мешајќи постојано, додека 'Ндујата не се растопи и ослободи своите ароми. Постепено додавајте го пилешкиот бујон, мешајќи со жица за матење за да ги разбиете сите грутки од 'Ндујата и да го деглазирате дното на тавата. Оставете сосот да зоврие, а потоа намалете ја температурата и оставете го да крчка 5-7 минути, додека не се згусне. Потоа следува кремот за готвење и добро мешање. Оставете да крчка уште 2-3 минути, додека сосот не стане кремаст и добро соединет. Проверете го вкусот и додадете сол или пипер ако е потребно.

Сервирање: Исечете го одмореното свинско месо на парчиња со дебелина од околу 1-2 см. На голема чинија за сервирање нанесете ја лавата од 'Ндуја сосот. Внимателно наредете ги парчињата свински врат и обилно прелијте со свежата Пико де Гајо салца врз месото. Имаме пеколно вкусен сос, со сочно свинско и освежителен салца-бакнеж.

Нема промашај!

Кирил Стименов - Апостол Вратоломеј

28 јуни 2025 - 20:51