Тестенини со став. И со тиквички.

Овој рецепт го започнуваме со другарот Добре. Добре дојдовте во уште еден кулинарски пуч врз здодевноста. Овој пат се јако запастуваме, од глава до пети, на малку необичен начин. Тиквичка - зеленчук што не се продава со исфорсирани наративи кои треба да ја привлечат публиката. Читај: авокада. Кога ќе ја видите на пазар, обично е изложена некаде крај јаболката (што обично ги пазариме да ни глумат жива ‘мртва природа’ по дневната) или до бостанот што пука од самодоверба. Не се бутка во првите редови.

Таква е и кога ќе ја зготвиме: не доминира со вкусот, туку држи баланс. Има текстура што ги нагласува другите состојки, а не ги засенува. Рецептот што следува не е откровение (опасен збор, плус одличен албум од Канго). Тоа е, во суштина, предизвик на довербата помеѓу состојките и готвачот. Нешто што не бара нинџа вештини, туку малце засукување ракав. Се работи за тестенини кои можат да се справат со тежината на сосот, без да се распаднат. Припремаме кремасти таљатели, со лимонизирани тиквички.

Но прво, да се преслушаме:

  • Тиквички, жолти по можност (ако не, и зелените ќе имаат за прелазна): 2 парчиња со пристојна големина, не некои чернобилски мутанти, ама ниту бебиња. Треба да имаат доволно материјал за рендање. Околу пола кило, грубо.
  • Таљатели, фетучини, или некои слични широки тестенини: 300-400 грама.
  • Лук: 2-3 чешниња. Не бидете срамежливи. Ситнете го, како отпорот.
  • Маслиново масло: Екстра невино, како вработен во невладина. Неколку лажици. Ова е лубрикантот на целата операција.
  • Крем фреш: Две добри, полни лажици. Околу 100 грама. Ова е нашиот агент за инстант кремаста декаденција. Немојте со лајт варијанти, тоа е за аматери.
  • Пармезан или некое друго тврдо сирење со карактер (Пекорино?): Барем 50 грама, свежо рендано. Плус екстра за финалниот удар. Ако користите готов рендан од кесичка, Бордејн ќе се врти во гроб. И јас, во лежај.
  • Кора од еден лимон: Само жолтиот дел, тенко изрендан. Ова е цитрусниот шамар што ќе ги разбуди сите вкусови.
  • Свежо нане: Една добра китка. Неколку ливчиња за украс се за по Инстаграм, нам ни треба вкус. Сечкајте го грубо, нека се осети.
  • Буковец: По желба. Сол, црн пипер (свежо мелен, ако може): Основата. Без ова сме изгубени како бруцош на апсолвентска.
  • Водата во која вриела пастата: Чувајте барем една шолја. Ова е течно злато.

А сега Кирил ќе ги демонстрира правилните Методи (без Ј): Следете ги чекорите, ама опуштено. Ова е рок ен рол, не балет.

Чекор 1: Тиковови измаченија. Измијте ги тиквичките. Изрендајте ги на крупно ренде. Фрлете ги во цедалка, посолете ги со една лажичка сол и оставете ги да се потат како сведок на обвинителна клупа, барем 15-20 минути. Целта е да испуштат што повеќе од таа досадна вода. После тоа, стиснете ги со раце. Сакаме сува материја, не аква парк.

Чекор 2: Во меѓувреме, пастата на егзекуција. Ставете тенџере со вода да зоврие. Посолете ја водата како да готвите за цела чета војници.. Кога ќе зоврие, фрлете ги таљателите. Варете ги според упатството, ама целете на „ал денте“ или што би рекла жена ми “недоварени”. Преварена паста е кривично дело. Пред да ја цедите, зачувајте една шоља вода.

Чекор 3: Ароматична тиквова контраофанзива. Во широка тава (да може пастата комотно да се измеша подоцна), сипете маслиново масло. Загрејте го на средна температура. Фрлете го сечканиот лук. Пржете го една минута, да пушти мирис, не да поцрни како душа на просечен политичар. Додајте ги исцедените тиквички. Појачајте малку температура и пржете ги, мешајќи, 5-7 минути. Треба да омекнат, малку да се карамелизираат, да изгубат дел од волуменот. Сега фрлете малку буковец, сол (ако треба, пробајте прво) и црн пипер.

Чекор 4: Големото соединување и кремастиот удар. Исцедената паста префрлете ја директно во тавата со тиквичките. Намалете го огнот на минимум. Додајте го крем фрешот, ренданиот пармезан (чувајте малку за одозгора) и кората од лимон. Сипете пола од зачуваната вода од пастата. Сега, мешајте. Нежно, ама одлучно. Целта е кремот да се стопи, да се емулзира со водата и маснотијата, и да создаде кремаст, сочен сос што ја обвива секоја таљатела. Ако е прегусто, додајте уште малку од водата од пастата. Сосот треба да биде богат, не сув, ама не и чорбест.

Чекор 5: Финале. Тргнете ја тавата од оган. Фрлете го внатре сечканото нане. Промешајте. Пробајте. Ако треба уште сол, пипер, лимон – сега е моментот. Не бидете скржави.

Сервирајте веднаш. Во длабоки чинии. Одозгора, уште малку пармезан, можеби неколку капки маслиново, и ако сте ептен уметнички настроени, уште некое ливче нане. Ама не претерувајте, ова не е изложба во МоМА. Следно? Се фрламе главечки во тањирите. Винце? Ја би бело.

На здравје.

Кирил Стоименов - тестирач на тестенини

6 јуни 2025 - 23:16