Суетни шампињoни

За суетните луѓе велат дека се полни себе. А ние старите зен-будисти од Нов Дојран добро знаеме дека не постои ништо потуѓо од суетата, затоа што тоа е фасада што ни ја изѕидале другите. Интернетот само ги потенцираше сите тие несигурни самодоверби што урлаат со капслок како папагали на бугарски спид. Тастатуро - тортуро! Исто има еден стар панкерски виц кој што вели дека класичен пример за човек полн себе е кога пандур ќе се налапа свинско. Кружат гласини дека суетните луѓе како мали исклучиво си играле со Его-коцки. Нема полош кокаин од егото. Крекот е спирулина во споредба со него.

Ние денес ќе си играме со едни полнети шампињони. Се мислев дали да ги осуетам и да ги наполнам со некој микс од нивните стебленца и кашкавал како воведот од горе би имал смисла, но ми текна нешто покреативно. Општо земено, полнетите шампиоњи се одлично мезенце за во различни прилики и неприлики: одговораат и на фенси трпези со скапа тоалета и за кежуал пијанка у исфлекани маици со изџвакана крагња, од некој дет метал бенд, купена у прва средно. Плус се одлична замена за месо кај верниците во светиот зачин Вегета - вегетаријанците.

Се подговуваат на 100 начини, што би рекол Неле Карајлиќ во истоимената песна - тава, грил тава, тава палачинки, фритеза, скара, ерфраер, рерна, ужежена шахта у сред Јули. Како и да ги спремате, готови се дур да трепнете. Обично ги полнат со кашкавал.

Но, обично оваа рубрика е необична, па затоа денес одиме со еден страшно добар и несекојдневен полнеж.

Потребни состојки:
шампињони (500-600 грама)
4-5 инчуни
магдонос
многу буковец
4-5 чешниња лук
200 грама путер (омекнат на собна температура)
Сол

Подготовка: Шампињоните ги тушираме сериозно, како да се вратиле од тридневен фестивал со шатори. Им ги вадиме стебленцата, за да ослободиме простор за полнење. Ги праќаме во чекална дур не им дојде редот.

Полнежот, пази тука: во аван толчиме 4-5 инчуни, ситно сецкан магданос, многу буковец, 4-5 чешниња лук и 200 грама путер. И удри! Толчиме додека путерот не добие кирамида тен. Добри 5-6 минути интензивно толчење. Подлактицата ќе ви биде благодарна. Во шампињонските шуплини нанесуваме од путерот. Ги полниме до врв.

Посолување: може да ги посолите шампињоните откако се наполнети со путер, или претходно да го додадете сол во смесата пред толчењето.

Печеме во рерна или ерфраер на 180 степени 8-10 минути. Млечната арома на путерот во тандем со морската умами свежина од инчуните ги дотерува шампињоните ко за матура.

Јадете, уживајте и на суетата не ѝ давајте ни гриц. Нека пукне!

Кирил Стоименов - аван(гарда) и толчник

21 декември 2024 - 21:46