Меснатите ролати имаат посебен плац со поглед на море во моето срце. Со платени комуналии, со сè. Овие шампионски цилиндри овозможуваат широка палета на комбинации, огромен простор за експериментирање, уметничко изразување и слични хедонистички подвизи. На интернет може да најдете милион рецепти од ваков калибар. Но, мој совет ви е да ја следите вашата имагинација и нормално, вашата сосотојба во фрижидер, а интернетот да го искористите само за финална проверка.
Значи изберете неколку намирници од коишто сакате да се отарасите, и прашајте по овие вештачкоинтелигентните чет-ботови дали комбинацијата има смисла. Доколку добиете зелено светло, стискате гас и спремни сте за авантура.
Авантуристичката агенција “Храна за возрасни” овој пат ве носи во уште една стрво-предизвикателна мисија: роловани јунешко под капак. Чист експеримент во слободен стил, којшто резултираше со стоечки овации пред огледалото. А за и вие да си аплаурирате сами на себе, ракоплеснете го екранот и скролнете надолу:
Месо, марка - јунешко. Гледајте парчето да биде што е можно почисто, без жили и мрснина. Потребно ни е парче од 500-600 грама. Земаме нож остар како самурајски поглед и правиме вертикален пресек. Ако сте гледале филмови на Куросава, ова ќе ви иде мазно како леб у паштета. Го сецкаме парчето на 5-7 ленти. Посолуваме и забиберуваме.
Полнеж: еден букет ситно сецкан магдонос. 4-5 ситно сецкани чешниња лук. Ако имате справа за гмечење лук, згмечето го во паста, уште подобра варијанта. Лукот и магдоносот ги мешаме еден со друг. Пршута, по едно парче за секој пресек. 70 грама рендан пармезан, и 30 грама ситно сецкани ореви.
Мотање: Врз парчињата јунешко прво ја нанесуваме нашата димена навлака - госпоѓата Пршута. Потоа следи смесата од магдонос и лук, па пармезанот и на крај оревите. Го тркаламе парчето како при собирање на тепих. Кршиме една чачкалица за ражнич и тореадорски го бодеме сроланото парче месо. Ја повторуваме постапката сè додека дефицитот од намирници не нè раздели.
Подготовка: на ужежена тава со масло ги џишнуваме ролатчињата по 2-3 минути од страна. Страните околу убодот со чачкалицата ни остануваат живи, но ништо страшно.
Го вадиме месото и во истата тава запржуваме ситно сецкан кромид, свеж рузмарин и по 5 минути ги тушираме со 150 милилитри бело вино. Динстаме 5-7 минути.
Потоа додаваме пола литро доматна пасата. Чекаме да почнее да врие, го намалуваме огнот на средно-тивок и ги враќање парчињата месо. Прво ги посипуваме со сосот и потоа ги поставуваме така што врвовите од чачкалицата ќе се спојат во една точка. Поклопуваме и динстаме 5-6 минути. Потоа го откриваме капакот и ги ротираме за 180 степени, така што овој пат чачкалиците ќе бидат насочени кон обрачот на тавата. Поклопуваме и правиме реприза динстање уште 5-6 минути. Тоа е тоа.
Вака подготвеното јунешко останува меко, сочно и се топи во уста. Како ЛСД. Слободно извадете ги чачкалиците затоа што формата е веќе дефинирана. Исечете ги ролатчињата на 2-3 помали цилиндри и послужете ги како медаљони.
Не кажувам шо сè испив со ова, за да не ве истрауматизирам.
Кирил Стоименов - смотан ко јунешко