Среќна нова гладен публикуме! Да се исполнуваат желби, планови, новчаници. И нормално, стомаци. Два--Нула-Дваесдва ја стартуваме со главната споредна улога од кралот лав - Пумба (не знам каде да најдам мунгoс, иначе би го спремал и Тимон).
Рагу од дива свиња или гулаш од вепар, рецепт директно од улиците на Фиренца, тоскански прволигашки деликатес. Ветувам дека откако го испробате има да го опејувате како Данте - Беатриче, Петрарка - Лаура и Цане- Жаклина.
Епа ајде канцониери: Јас имам кило врат од дива свиња. Може и плешка или бут. Го цепкаме на коцки и го нурнуваме во 750 мл. црвено вино. Шо подобро виното, тоа подобро рагуто, башка греота е такво парче месо да се маринира у некое вино од оние нуклеарките у пластика.
Во истиот сад со виното додаваме моркови, кромиди, целер, рузмарин и мајчина душица. Го праќаме во поларните фрижидерски предели, цела ноќ. Месото од дивеч е тегаво, а винската киселина ќе го омекне во текот на маринирањето.
Утредента, во најширокото на радиус тенџере, загреваме маслиново. Во меѓувреме ги сепарираме зеленчуците и месото од виното. На силен оган прво ги бланшираме зелените чуци, едно 10 минути, а потоа го додаваме месото. И него го пржиме 10-тина минути и целата смеса ја тушираме со виното во кое се маринираше. Компонентите се упознале у текот на вечерта, така да добро ќе се дружат низ лонецот. Намалуваме на ептен тивко и спремни сме за маратонско крчкање. Сол, бибер и нека жубори.
По 45 минути, винцето треба да е пола и повеќе заминато. Тука додаваме бујон, пола литро. Јас успеав да најдам од дива свиња, ама може и говедски, зеленчуков итн. Оставаме да крчка уште час и половина. Сетне додаваме 350 милилитри доматно пире и сецкани црни обезсемкасти маслинки.
Продолжуваме со крчкање, глава треќа. Месото го динстаме 3-4 часа, сè на сè. Значи, после додавањето на доматот, уште една фудбалска утакмица, мање-више. Додаваме вода или не, во зависност од посакуваната густина.
Пола саат пред судијата да свири крај, во друго тенџере вариме едно пола кило паста. Каква сакате: таљатели, јуфки, макарони, нема проблем. Напрајте ја по желба: јако сварена или ал-денте (или шо би рекла жена ми: ти да си ги јадеш тие 'живи' тестенини). Цедиме. Месото ни е спремно. Гасиме рингла и џиткаме лажица ипол паприка. Мешаме и потоа пастата ја додаваме во лонецот со месото. Добро промешуваме и откако тестенините и месото се испогушкале, ги поросуваме со ситно сецкан магданос.
Бидете спремни за желуднична ренесанса. Интензивен вкус, аромите од виното вриштат, кревкоста на месото урла, зеленчуците - путер, пастата фантазија.
Се препорачува со томаздравковистички количини вино.
Кирил Стоименов,
фан на Фиорентина кога Nintendo им беа спонзори