
Заборавете на сè што ве учеле за балансирана исхрана и гастрономска хиерархија. Овој рецепт не е обичен резултат на кулинарско просветлување, туку производ на егзистенцијален детерминизам - она кога ќе го отворите фрижидерот во обичен врнежлив вторник после работа, а внатре ве пречекува демонска тишина која одекнува меѓу една полупразна конзерва грашок и парче пилешко кое зјапа во вас со истата досада со која вие ги гледате сметките за струја.
Денешниот рецепт место да нуди возбуди, демонстрира функционална софистицираност во хаосот. Пилешките гради овде се пример за стабилна инвестиција со низок ризик. Спремни се да бидат пропржени на путер. Класика. Но, сосот? Сосот е делот од вашиот мозок кој сè уште сонува за патување низ селца по Тоскана додека всушност чека градски автобус што доцни вечност ипол. Црвената пиперка и кромидот се како двајца школски од средно кои сè уште се дружат само затоа што никој друг не ги дружи, додека ситно сечканата чајна е „специјален гостин“ кој упаѓа ненајавено од заседа и демолира се шо ќе и застане на пат. Во овој сос има и грашок. Да бе, грашок. И на крај павлака во улога на дипломат во кремаста форма. Тука е да ги смири страстите.
Намирници


- 1 парче пилешки стек (поголемо)
- 1 конзерва грашок (околу 200g)
- 1 средна црвена пиперка
- 1 помала главица кромид
- 50g чајна
- 200ml кисела павлака или неутрална павлака за готвење
- Зачини: сол, бибер, црвен пипер, лук во прав
- Масло за пржење
- Власец или млад кромид (за декорација)
Постапка:
Подготовка на пилешкото:
Стекот убаво зачинете го со сол, бибер и црвен пипер од двете страни. Ставете го во тава со загреано масло и путер пржете го додека не добие златна боја и не се зготви во внатрешноста. Извадете го настрана да одмори. Можете да го започнете на тава, по 2-3 минути од страна и на крај да го финиширате во рерна (4-5 минути на 180).
Подготовка на зеленчукот:

Во истата тава, додадете го ситно сечканиот кромид и црвената пиперка. Динстајте на средна температура додека не омекнат и не ги впијат сите вкусови од пржењето на месото.
Додавање на додатоците:

Во тавата додадете ја ситно сечканата чајна. Кратко пропржете за да стане крцкава, а потоа додадете го претходно исцедениот грашок.

Сос:

Тргнете ја тавата од рингла и додадете ја павлаката. Мешајте полека додека не добиете униформен, густ сос кој ги поврзува сите состојки.

Сервирање:
Исечете го пилешкиот стек на коси парченца. На чинија направете „подлога“ од сосот со грашок и зеленчук, а одозгора внимателно наредете го месото. Завршете со ситно сецкан власец за свежина.
Хеј, ова е оброчиште.

Па вие како сакате!
Кирил Стоименов - радикален оброкист