Еден врел јуни, 3-4 години пред коронштините, након што ги посетивме сите битни, помалку битни и 24-bit-ни знаменитости на Рим, со девојката со која што се забавувам се упативме кон боемските калдрми на вечниот град - квартот Трастевере. Трастевере е кулинарска бомба - каталогот од ароми што се шират од локалните тратории се радикално вонземјанство. Тешка психоделија. Наоколу купишта артисански дуќанчиња, надувани пионери и пионерки, гласни и хиперактивни камаки кои убедливо лажат дека нивната паста е каде-каде пожолта од комшиската. Може комотно да го прекрстат у ТраНстевере. Окупираме еден астал, доаѓа келнер, прашуваме шо им е најдобро од менито, дека нам сѐ ни изгледа феноменално. Вика макарони можете и дома да јадете, затоа би ви препорачал пилешка САЛТИМБОКА (оригиналната е со телешко).
Му упатувам газиран малешевски поглед за да му дадам до знаење дека прв пат слушам за такво нешто. Капира дека не сме пробале и уљудно замолува да му дозволиме да нè изненади. Нек‘ ти биде бе, амико. Сопругата е италијанист, па одма ја терам да деконструира. Ми вика дека и она прв пат слуша, али дека у наш буквален превод салтимбока значи ‘Скок во уста‘. Перверзија, римски стил. Јас денес ќе пробам у домача верзија ја иссимулирам магијата која ни ја послужија:
600 грама пилешки стек, го сецкаме пеперуткасто (butterfly cut) на тенки половинки. На едната страна од стекот постиламе чаршафче од пршута, а врз неа како шнола го наденуваме херојот на денот - ливче свежа жалфија. Користиме чачкалица. Види фотос.
Тава на тивок до умерен оган, шо би се рекло метеролошки. Истураме троа маслиново и низ него пуштаме 50 грама путер. Маслото нема да му дозволи на путерот да изгори. Нема на чему. Откако путерот е растопен, ги убацуваме парчињата месо од упршутената страна. Додека ја пржиме 3-4 минути, на ‘голата‘ страна попрскуваме бибер и многу малку сол, затоа што пршутата е изузетно насолена. После парчето го ротираме 180 степени и пржиме уште 3-4 минути.
Откако сме готови со сите парчиња, во мрсното лепотанство што ни е останало во тавчето истураме 20 милилитри бело винце. Го појачуваме оганот на средно-силен. Додаваме уште 30тина грама путер. Нека жуборка додека не се згусти и добие сос-текстура.
Пред да сервирате: ОТСТРАНЕТЕ ГИ ЧАЧКАЛИЦИТЕ!
Послужуваме парче-две од салтимбоката, од страна моцарелка и песто сос, а врз месото посипуваме од беловинската прекраснотија. Исклучителна едноставност, елеганција, префинетост. Знаат жабарите како, остај ти.
Скока ли само у уста? Како Ламбе на рекламата!
Кирил Стоименов - препишувач