Пилешки McOffnet’s

Има денови кога човек едноставно нема капацитет да биде херој. Ниту пак возрасен. Не сака да мисли на потеклото на состојките, на етиката на синџирите за снабдување, на јаглеродниот отпечаток на секој залак.

Постојат денови кога сака нешто од билборди. Токму таму, во таа зона на тивкиот компромис, се раѓа мекдоналдизацијата, не само на храната, туку и на животот. Сè да биде брзо, стандаризирано, предвидливо, без ризик, без изненадување. Ист вкус во Скопје, Амстердам или Осака. Иста насмевка на пакувањето, исто чувство на лажна сигурност.

Но возрасниот човек знае уште нешто: дека компромисот не мора да значи капитулација. Дека можеш да си поиграш со конформизмот, а притоа да не му се поклониш. Можеш да направиш „брза храна“ која не е брзоплета. Да земеш симбол на индустриска утеха и да го сместиш дома, на масата, под твоја контрола.

Овој сендвич е токму тоа: флерт со масовната култура, но без вадење прстени и сватови. Игра со носталгијата, но со зрела нота. Корнфлекс-пилешки стек како од рекламите, ама направен со љубов. Комфор, да. Конформизам, никогаш.

Намирници

За пилешкиот стек:

  • Пилешки стекови (гради, исечени на подебели парчиња)
  • Брашно
  • Јајца
  • Корнфлекс (неблаг, изгмечен грубо)
  • Сол и бибер

За сендвичот:

  • Меки сендвич лепчиња со сусам
  • Кашкавал (по можност лесно топлив)
  • Ајсберг салата

За сосот (по избор, во стил на класичен бургер):

  • Мајонез
  • Кечап
  • Малку сенф

Додатоци за сервирање:

  • Помфрит
  • Феферонки и маслинка

Постапка

Пилешкиот стек прво се посолува и побиберува. Ништо комплицирано, затоа што идејата не е да се маскира вкусот, туку да се нагласи. Секое парче се валка прво во брашно, тенок слој, како за вовед. Потоа оди во изматените јајца, каде што веќе почнува трансформацијата. На крај, се обложува со грубо искршен корнфлекс.

Стековите се печат во ер-фраер или рерна, додека не добијат златна боја и цврста кора.

Пред крајот, врз секој се става парче кашкавал за да се стопи – малку луксуз, малку декаденција.

20 минути на 200.

Лепчињата се потпечуваат, се става салата, сос, пилешкиот стек и уште малку сос одозгора. Сендвичот се затвора внимателно. Се додаваат украсите. Јас го гарнирав со помфрит.

Ова е сендвич што личи на нешто што сите го знаеме, но не е тоа. Ова е мини-критика преку имитација. Затоа што, да, понекогаш и ние сакаме да си поиграме комфор. Да каснеме нешто познато, нешто што не бара објаснување. Но кога веќе го правиме тоа, го правиме со стил. Со иронија. Со сите петки.

Уживајте.

Кирил Стоименов - Кловн

14 декември 2025 - 12:59