Во тековните божиќно-новогодишни калориски-суфицитни потфати, две млечни или крем салати се издвојуваат од конкуренцијата: префалената руска салата и нејзиниот Робин - пилешката крем салата.
Ние во оваа рубрика секогаш гравитираме кон хвалоспевање на квалитетите кај аутсајдерите, занемарени од клишето на мејнстримот. Пилешката салата е како добро скриен херој во филм што не бара многу кревање фама, но кога ќе се појави на сцената, сите одеднаш го чувствуваат нејзиното присуство. Таа не се јавува со габаритни зборови или гламурозни изјави што ќе ги цитираат онлајн незнајачите, туку со тивка самоувереност, затоа што знае дека нема потреба да се докажува.
Оваа крем салата е облеката што не ја носиш за да се истакнеш, туку за да бидеш комотен во неа. Како што пижамата е емоција а не облека, така и пилешката салата е повеќе од салата со кремаста текстура. Како вечен опонент на руската салата (комбинацијата грашок и мајонез отсекогаш ми била супер безвезална) пилешката крем салата ни е добитна алтернатива. Кифличките сами скокаат главечки во неа.
Јас ја правам вака:
Половина килограм стек. Слободно може да користите батаци, копани или остатоци од веќе испечена кокошка. Пилешките гради на прво ги прељубам со вода во која ставам сол, цели зрна бел бибер, и цел лимон или лимета. Тенџерето со ладна вода го ставам на рингла и ја вклучувам на најјако. Откако водата ќе почне да врие, ја намалувам ринглата на среден оган и ги варам стековите половина час со капак или четириесет минути без капак. Ги вадам од тенџере и ги оставам десетина минути да оладат.
Додека месото се вари на многу ситни парченца масакрирам 250гр корнишони и 250г маринирани шампињони од тегла. Напомена: добро исцедете ги шампињоните затоа што останат влажни можат да ја разводенат салатата. Исецканиот зеленчук го сместувам во длабок сад. Во истиот сад рендам 50 грама пармезан. Слободно нарендајте друго сирење/кашкавал и слободно играјте си со количината. Додавам и четири лажици сенф. Свесно го избегнувам мајонезот кој фигурира низ оригиналниот рецепт на оваа салата. Доколку сте големи љубители на мајонез, заменете ги лажиците сенф со мајонез во сооднос 3:1 (во полза на мајонезот).
Се враќаме кај пилешките гради. Со две виљушки го раскомбосуваме стекот на што потенки парченца. Парченцата ги префрламе во длабокиот сад. Прелеваме со половина кило павлака/грчки јогурт/skyr - зависи како ви е буџетот. Во моментот кога ја спремав, дома имаше грчки јогурт со 0% масленост, но слободно адаптирајте си ја масленоста на млечниот агент според апетитите.
Финално зачинување: уште малку сол, бибер, малку лук во прав и многу буковец. Земаме голема супена лажица и мешаме како секретарки на новогодишна забава преку фирмата.
Идеално сценарио: ја оставаме салатата во фрижидер барем 2-3 часа за компонентите добро да се распоредат. Но доколку сте супер нестрпливи, ве разбирам - ич да не ви е незгодно веднаш да започнете со гозбата.
Информации за велнес бандата: целата салата (припремана без мајонез) содржи на извонредни 1.200 калории и 380гр протеин. Значи после конзумирање на салатава, можете теговите да ги кревате со поглед. Јас обично ја конзумирам со кисели и пикантни феферонки. И половина литро ракија. Нискомаслена.
На здравје!
За Off.net од Јетроленд,
Кирил Стоименов