Во македонската кулинарска култура, некултура а галиба и фискултура, гравот е предвесник на викендот. Кога нашите влезови, дворови и цели маала ќе замирисаат на овој мешункаст песнопоец, јасно е дека двата слободни дена шо не следуваат по Бога и закон, ѕиркаат од зад аголот. Петочните грав-сеанси се витална алка во колективниот идентитет на Република Македонија. Не знам кој одлучил и зошто баш грав и баш петок, но секоја би му дала за идеата. Припремањето гравче си изискува (јаооооо, звучам како хобит од политичка дебата) посебна логистика. Освен кулинарски вештини, најважниот ресурс е времето. А во ова тркачко доба, време ретко кој има. Така домашните гравчиња полека почнаа да се заменуваат со нарачки на брза храна, или во најдобро сценарио, пазарење веќе готово од градските кујни.
Во денешната сеанса, ќе се обидам да ви ‚подметнам‘ една брзинска замена за петочниот лепотан која нема да захтева премногу висење и закиснување во 200 води, а и главниот младич во рецептот ќе го замениме со неговиот помлад прв братучед. Правиме чорба со леблебија, такозвани наут (за да бидат подмирени сите џендер табори). Печената леблебија е нешто кое што е доста застапено по нашите домаќинства. Кога бев мал и кога баба ми ќе ме однесеше на притисокомеранка кај некоја нејзина пријателка, у 90% од случаите ние децата бевме послужени со леблебија и Газоза. Исто така, леблебијата служи и како прва помош при не баш најтврда столица. Но освен печена, леблебијата може да се вари, да се меле во брашно, да се пржи итн.
За денешниот рецепт ни е потребно 300 грама конзервирана леблебија. Не дека не може да земеме сурова и дома да ја закиснеме од претходната вечер, ама идеме на време-ушпарувачка варијанта. Ја цедиме леблебијата. Во овој случај водата од конзервата не ни треба, но во други случаи таа течност наречена „аквафаба“ е злато вредна. Но тој феномен ќе го опсервираме у блиска иднина.
Покрај леблебија потребни ни се: праз - два пендрека, малце пиперки, главица кромид, две-три чешниња лук (може и повеќе ако имате повеќе демони за истерување), два моркова со величина на пури-Титовки и 100 грама димена сланина, или слично пушено месо.
Партијата ја отвараме со месото исецкано на коцки кое што го пропржуваме во тенџере на загреано масло. 4-5 минути. Потоа следува зеленчукот исецкан на коцки. Нека омекнува 7-8 минути.
На ред е леблебијата. Ја умешуваме со останатите зарзевати и зачинуваме со сол, бибер и буковец. Овде додаваме литар и триста врела вода и бујон коцка по избор: говедска, зеленчукова, печуркова, нема промашај. Закитуваме со гранче свеж рузмарин. Нека покрчка на среден оган два-тринаесет минути.
Во меѓувреме спремаме ладна „запршка“. Во филџан додаваме три супени лажици брашно, две црвен пипер и три лажици зејтин. Промешуваме. Ја додаваме оваа смеса во чорбата, 5-6 минути при крај. Повремено промешуваме.
Кога одлучуваме дека е готова убацуваме сецкан магданос и повторно промешуваме.
Овој петочен Центар го придружуваме со еден Плејмејкер - свежа салата по избор и Крило - коцка од омиленото сирење зачинето со оригано и буковец и истуширано со маслиново. Има ли боља тројка? Можда има, ама не денес.
Пробајте, па ќе правиме муабет.
Кирил Стоименов - викендица