Ерата на кариеристите дрско ги засени секојдневните уметности на уживањето самите со себе си, третирањето на телото, духот и стомакот (дефинитивно посебен ентитет, вреден за третирање) и душмански се осврна кон задоволување на туѓи апетити. Така со тек на време ‘немам време‘ се претвори во химна на времето во кое преживуваме. Овој рецепт е посветен на жртвите покосени од виорот на временскиот недостаток.
Сте дошле од повеќе часовен аргатлук, сте се расгаќиле пред телевизор и фантазирате за пристоен ручек кој не захтева уште една смена у кујна. Смачено ви е да подгревате веќе подгреани јадења од градските кујни. Од полуготовата супермаркетска храна се претворате во пилатес-топка. Партнерот/партнерката веќе со месеци кокодака дека трошите купишта пари на храна ‘од надвор‘.
Не очајувајте, туку нежно скролнете надолу:
Загреваме масло на тава. 400 грама мелено месо, го посолуваме и додаваме бибер и лук во прав. Го пропржуваме 3-4 минути на средно-силен оган под ѕвездите, и потоа му додаваме 150-200 милилитри вино (испиено е!).
За да ушпараме на време, нема да сецкаме зеленчуци од типот на кромид/лук/морков/целер туку ќе џитнеме една коцка зеленчуков бујон. Пристојна замена. По 5-7 минути откако виното го испарфемирало месото, благословуваме со 300 милилитри пасата (цеден домат), додаваме оригано и со повремено мешање динстаме уште 5 минути, додека сосот добро не се згусти. Значи сме изгубиле цели 15 минути.
Во исто време, симултано на соседната рингла вариме купечки равиоли (пошто рековме дека немаме време за шампионски; види Равиоли со сите петки). Јас најдов полнети со спанаќ, вие како сакате. Го следиме времето за варење од упатството. На крај, откако целиот ринглест комшилук си ја свршил работата, ги сервираме равиолите, врз нив иде сосот и крунисуваме со снежни пармезански врвови.
Лејдис ен унтерменш, ако немате ни 15-20 минути да одвоите за ваков холистички третман, вие правите нешто погрешно со животот.
А ја единствено што можам е да ви посакам добар апетит и да не искочам со вас, на парадите.
Кирил Стоименов - In МЕМОРИЈАm