Овердоуз од кифли

Во свет во којшто зборот „терапија“ го сведовме на апликации, курсеви од негушкани коучеви и „детокс“ ритрити, постои еден старински ритуал којшто ја врши истата работа, само малку поефикасно, без притоа да изискува претплати, хаштагови и мотивациски цитати. Месењето тесто. Месењето, во суштина, е најархаичната форма на медитација во движење: рацете вежбаат трпение, умот смиреност, а секој круг што го правиш со дланките врз површината на масата е мал, телесен обид да го обликуваш хаосот што те опкружува.

И терапијата и месењето имаат иста цел: чувство дека работите повторно можеш да ги држиш под контрола. Додека месиме сведочиме за тоа како потиснатата нервоза ни мекнее под дланките. Тоа е всушност терапија што може да нè засити. Сите добро знаеме дека „една доза кифли“ е единица мерка за куќна слава и добар провод. Кога животот ни свири под виолинскиот клуч на хаосот, дозата кифли се неговиот топол контрапункт.

Одиме со уште еден рецепт од нашата супсекција: „меки како душа“

Намирници:

  • 650 г брашно
  • 300 мл топло млеко
  • 2 лажички сол
  • 2 лажички шеќер
  • 7 г сув квасец
  • 100 мл масло
  • 2 јајца + 1 дополнително за премачкување
  • Полнeње: По желба

Постапка:

Во голем сад соедини ги сите состојки и замеси мазно, еластично тесто. Покриј го и остави го да се одмори и да се крева околу еден час на топло место или додека не го удвои својот обем.

Напомена: млекото стопли го за да биде млако, не врело.

Потоа подели го на топчиња тежина од 75-80 г и расукај ги. Наполни ги, засечи ги неколку пати со нож од полнежот до краевите и завиткај ги во ролни. Остави ги повторно да одморат уште 30-45 минути.

Премачкај ги со изматено јајце и малку млеко, посипи ги со сусам и испечи ги во претходно загреана рерна на 200°C околу 20 минути, додека не добијат златно-кафеава боја.

Кога ќе ги извадиш и ќе видиш како тивко шумолат додека се ладат, ќе сфатиш дека си замесил мир. А ќе доживеат ли да се оладат? Тешко.

Се јадат врели, со омилениот намаз.

На здравје,
Кирил Стоименов - месен нарезак

18 октомври 2025 - 09:35