
Летото е сезона на гастарбајтерска навала - период кога социјалниот пејзаж на нашите градови доживува драматична трансформација. Феноменот на печалбарството, длабоко врежан во нашиот колективен код, денес се манифестира преку колони возила со странски таблички и желба за надоместување на сè што недостасувало во туѓина.
Оваа друштвена динамика не е само прашање на носталгија и економски миграции, туку носи и специфичен идентитетски израз. А каде на друго место тој идентитет се материјализира ако не на кафански астал?! Но, постои еден момент во кулинарската микро-психологија на нашиот просечен гастарбајтер што е метафора за сигурност, комфор и домашен луксуз. Похованоците!!! Златната, испржена коричка служи како гастрономски штит од студената европска дисциплина. Ако храната не поминала низ брашно, јајце и врело масло, исто како да не е храна.
И тука доаѓаме до најголемата кулинарско-историска неправда. Кочани - градот кој е истовремено лулка на оризот, парите од камата и еден од најголемите бедеми на печалбарската традиција - некако успеа да го пропушти овој гастрономски зицер. Наместо во Кочани уште во минатиот век да се патентираат овие поховани оризови бомби и да им се понудат на европските метрополи, Италијанците први ги брендираа своите аранчини.
Но денес ја носиме нашата аранчинска вендета со оваа домашна, креативна верзија што прави рециклирачки третман со трошки од лиснато печиво со сусам наместо презла, поставени врз совршен сос од печени пиперки и павлака.

Намирници
За аранчините (топките од ориз):
- Ориз (1 чаша)
- Кашкавал (исечкан на мали коцки за полнење)
За класично поховање:
- Брашно, 1 јајце (изматено)
За крцкавата обвивка:
- Изблендирани трошки од лиснато печиво со сусам (замена за презла)
- Масло за пржење
За кремастиот сос од пиперки:
- Печени црвени/жолти пиперки (олупени)
- Кисела павлака / грчки јогурт
Зачини: Буковец (толчен пипер), оригано/сув зачин, сол и малку црн бибер
Постапка
Трошки за поховање:
Во блендер/сечко ставете ги парчињата од лиснатото печиво со сусам и кратко сомелете ги за да добиете замена за презла. Или едноставно користете презла.

Кремаст сос:
Во истиот сечко ставете ги печените пиперки, киселата павлака, буковецот, сувиот зачин и ориганото. Изблендирајте додека не добиете мазен, розеникаво-портокалов крем со богата арома.

Формирање на аранчините:
Земете дел од оладениот сварен ориз (кој треба да е доволно леплив). Претходно сварете го со рацио 1:3 - филџан ориз наспроти 3 вода. Со навлажнети раце обликувајте топче, притиснете во средината и ставете неколку коцки кашкавал. Затворете го оризот околу кашкавалот и убаво оформете цврста топка.

Похованција и пржење
Секое топче ориз прво убаво стркалајте го во брашно. Потоа потопете го во изматеното јајце. На крај, богато обложете го со трошките од лиснато тесто, нежно притискајќи за да се фати рамномерен слој. Загрејте подлабоко масло во тенџере и пржете ги аранчините додека не добијат прекрасна златно-кафеава и крцкава коричка. Пржете на среден оган 4-6 минути. Извадете ги врз кујнска хартија за да се исцеди вишокот маснотија.

Сервирање:
На дното од чинијата истурете неколку лажици од подготвениот крем сос од печени пиперки. Врз сосот поставете ги топлите аранчини. Декорирајте со малку свеж босилек за од гаволи и дополнителни коцкички кашкавал и малку буковец одозгора. Сервирајте веднаш додека кашкавалот внатре е растопен.
Правдата е задоволена. Уживајте!

Кирил Стоименов - гастарбајтер од Кочани