Куса историја: Строганови биле криминален клан, или тоа денес што го викаат ‚покровители‘. Влијателна фамилија (не на Твитер) трговци, земјопоседници и слични бранши шо завршуваат на ‚-ци‘. За време на владеењето на Иван Грозни (колку прекрасно презиме) го финансирале руското освојување на Сибир. Значи покровители пар-екселанс. Имале семеен кувар, некој Француз, за којшто сè уште е дискутабилно дали работел за плата или за искуство шо после ќе му се најде за у CV. Како и да е, тоа кутро же-ма-пелче е креаторот на овој кулинарски класик.
Па русофили и русофоби, острете ножови и да завојуваме: 400-500 грама говедско. Го сецкаме на ленти. Зачинуваме со сол, бибер и црвен пипер во апокалиптични количини. Како утре да ќе го забранат. Месото на страна.
Намирница реден број два: печурка. Ќе ја спасеше ли Супер Марио принцезата од злобната аждаја да не беа печурките? Ќе ја спасеше, задутре! Ставете какви сакате. Само да не се од оние специјалните па да ја упознаете аждајата од Супер Марио лично. Шампињони, буковки, вргањ, срндак, лисичарка, микс од сите овие, лудувајте како ви паше. Ги сецкаме на ситно. Успат додека ножот ни е ‚на нога‘ сецкаме и еден кромид. Зеленчуците главечки у загреана тава, едно 5-7 минути, да фатат тен како Фарел Вилијамс. Откако го имаме тенот, ги тргаме во посебна чинија.
Чекор трет: во истата тава на среден оган ги печеме парчињата месо. Околу 4 минути по страна. Гледајте да не го пресушите месото со печење за да не ви искочат говедски Турбо мастики. А говедо говедо ли е ако не е поднапиено?! За таа цел истураме 50-100 мл. коњак. Ако сте вешти со оган, запалете го коњакот да избие во пламен, за да испари алкохолот. Ако не сте, говедското ќе заврши работа.
На последната минута од печењето ги враќаме печурките. Овој шампионски микс го крунисуваме со 5-6 супени лажици павлака. Пробркуваме за павлаката да се растопи и распореди низ целата тава. Заедно со неа пржиме уште минута-две. Може и лажица сенф, ама ја не ставив. Не прашувајте зашто.
И сега да завршам како Фјодор, шо европјаните сакаат да го забранат и укинат:
Драг читателу Оффнетски,
Еве, недела е, уште една седмица сама себе се пречкртува во календарот. А гладен си, знам. А и нешто жеден ми стоиш. Но затоа јас, Строганов и неговиот кувар со сумњив работен однос сме туку да ти приредиме оброк, мезе, екстаза. О, читателу Оффнетски, ќе прашаш дали може овој рецепт да се искористи како сос врз некоја паста или ориз. Секако дека може. Не заборавај само на крај да ставиш свеж магдонос и тенко сецкан кромид. И да си го сипаш омилениот ти аперитив. И да уживаш со сите чула!!!Кирил Стоименов - рускосалатофоб