Последниве неколку години сите некако магично се навлековме на крвави јунешки стекови. Шо ти праи теве и маркетинг. Не би да кудам, си има лепота у тие ‘скапите‘ говедски пресеци. Посебен драж. Но искрено, не би ги јадел секој ден, шо поради мое здравје, шо поради здравјето на мојот новчаник.
По цена за едно порцијашко парче ќе се обезбедам со квалитетно мезе за љуштење ракии низ целиот викенд, па макар бил и продолжен. Исто тажно е кога под влијание на извесни кулинарски шоуа ќе се залетаме да припремаме домачи фајн-дајнинг во повеќе курса и при тоа ќе уништиме купишта храна.
Затоа денес ќе имаме онлајн курс на тема: “Како да се самозадоволите во еден курс“. На репертоар имаме евтино и криминално потценето парче месо: говедска плешка. Јенките го викаат Chuck roast (Чак Роуст, имењак на Чак Норис). Ова жилаво парче месо се наоѓа на потег горна плешка - долен врат. Мрсна, црвена и полна со вкусови. Но, тегава. Ја викаат уште и ‘Рибај (rib eye) за сиромашни‘.
Ќе ја припремаме во фурна: тивко и бавно. Блузерски.
Прво: лонецот во којшто ќе печеме го загреваме на силен оган. Капнуваме малку масло. 400-500 грама јунешка алијас говедска плешка. Ја зачинуваме и ја џишнуваме од двете страни по 4 минути. Надвор да искулира.
Прво за второ: во истиот лонец припремаме зеленчуково рагу: ситно сецкан праз, морков кромид и лук, проследени со букет билки и 3-4 лажици доматна паста. Пржиме додека зеленчукот да омекне.
Второ за трето, по ново: во зеленчуковиот микс истураме 200 милилитри бело вино и литро говедски бујон (2 говедски коцки растворени во литар врела вода). Го додаваме и парчето месо во овој базен од прекраснотии, поклопуваме со капак и лонецот го сместуваме во претходно загреана рерна на 180 степени.
Трето за четврто: вака печеме 3 часа, со тоа што после час и половина го обраќаме парчето месо да плива грбно.
Петто: пире како додаток. Може и од компир но јас избрав да направам од корен од целер. Ако сте фан на вегета, а сте (затоа што тоа ни е во ДНК-то), дајте му шанса на целерот. Екстра зеленчуче е. Рецепт за пирето имате овде. Се распаѓа на најлефтерен допир. Одличен начин да го укомпонирате во зеленчуковиот сос.
Сервираме каубојски: пола тањир пире, пола месо. Како у Том и Џери.
Кирил Стоименов - масажер со среќен крај