Здраво демографска групо со легитимно право на глас. Добредојдовте во уште една епизода од суб-рубриката „паста за заби“ каде што, очивадно, спремаме паста. Денешната паста нема име од проста причина што сам си ја исмислив. Жабарите обично го крштеваат рецептите со Мики Маус имиња, ама дека јазикот им е саде марципани, па звучат слухо-помилувачки. Затоа, си давам за право денешниот рецепт да го крстам како Паста ”Стај по една ракија"-ана. Скроз христијански. Со ореоли на повисоките места.
Избор на тестенина ни е Ореќјети - малите тестени обетки кои се супер симпатични и екстра пригодни. За во секоја пригода и непригода. Ќе ги усосиме со еден рустичен микс од шумско-полски зеленчуци. За сосот заштитувам авторски права. Еве зошто:
Затоа што прво на тенки ленти дотеруваме 250г шампињони. До нив репетираме 200 до 250г замрзнат спанаќ. Се претвораме во диџеј на две рингли. На едната тава на среден оган на другата полно тенџере вода на јак оган. Во тавата растопуваме 100гр путер а водата во тенџерето ја засолуваме идиотски. Пастата ја вариме три минути пократко од инструкциите на пакувањето. Откако путерот ќе се растопи, ги запржуваме шампињоните. По пет минути го додаваме нашиот природен извор на железо и слични репроматеријали - спанаќот. Нека се запознаат печес минути. Во меѓувреме зачинуваме со сол и бибер.
Наредна е кремата за готвење. Убацуваме 200мл проследени со буковец и неколку гранчиња свеж рузмарин - мојот омилен парфем во иглички.
Оганот го намалуваме на тивко. По пет минути го вадиме рузмаринот а ја додаваме нашата речиси готова паста. Ал денте, или ”ти да си ја јадеш таа жива паста“ шо би рекла жена ми.
Ја финишираме во сосот. На самиот фото-финиш, при сервирањето, рендаме некое италијанско тврдо сирење. Вишна на шлагот.
Уз овој денешен шлаг идат црвени вина. Може и некое пиво темно како трета смена, ама ја би сепак вино. Следете ги инструкциите од погоре, копи-ПАСТА, и немате промашај.
На здравје!
Кирил Стоименов - ставач на една ракија