Кремасти мисиркини гради

Oваа храно-возрасна сеанса ја посветуваме на белото месо на работничката класа и протеинскиот сојузник на фитнес секташите - мисиркините гради. Мисиркините гради се парадоксален производ: премногу евтини за да бидат луксуз, прескапи за секојдневна конзумација. Или шо би рекол примариус Неле Карајлиќ - преслаб за кик-бокс, прејак за рокенрол. Некако се оставени на сред пат: не се елитистички како бифтекот, но ниту пак се народски прифтени како ќебапите. 

Кулинарски, мисиркините гради се тест за способноста на секој готвач. Нивната природна склоност кон сувост значи дека ако не се подготвени со вештина и љубов (и најмалку 17 вида зачини, маринади и техники), ќе бидат безвкусен воздушен ѓон. Решението? Сос, кремаст сос. Некои ги оставаат во јогурт, сенф или дури и во пиво, само за да ги спасат од судбината на прекумерната жилавост. Во светот на високата гастрономија, мисиркиното бело месо ретко добива место на менито, освен ако не е маскирано како некој софистициран терин со француско име. 

Но, во светот на meal prep културата и оние што бројаат макронутриенти, мисирката е главниот играч, непоколебливиот столб на секој оброк со ниски масти. Во Америка, мисирката е свето животно – не буквално, но доволно важно за да има свој национален празник. Денот на благодарноста без мисирка е како Нова година без лажни ветувања. Во Европа и на Балканот, мисирката има нешто поинаков статус. Присутна е, но никогаш не е во центарот на вниманието. Во балканската кујна, на пример, се појавува како алтернатива за пилешко, но никогаш како прв избор. Ако некој на гости ви послужи мисиркини гради, постои шанса или да е на диета или да ги има пазарено на акција. 

Јас ја кремирав во кремаст бел сос, скоцкана на ситни коцкички и искочи супер сочна. 

Значи вака: 

Стартуваме со половина килограм мисиркини гради. Ги средуваме на коцки со сантиметар ипол по страна. Зачинуваме со сол, вегета, лук во прав, бибер и црвен пипер. На супер загреана тава нанесуваме малку маслинува масло. Ги пропружуваме коцките по две до три минути од страна. Откако се поруменети ги отстрануваме од тавата. 

Го намалуваме огнот на тивко и во тавата додаваме 250 милилитри крема за готвење. Посолуваме и додаваме бибер. Потоа додаваме 100 грама сенф. Го крчкаме вака четири минути и потоа го враќаме месото. 

Заедно со месото даваме и 250гр маринирани шампињони. Коцките ги обрќаме за да примаат еднакво од сосот. Нека жуборкаат едно 4-5 минути заедно. 

На крај финишираме со буковец и власец. 

Фала многу, пријатно. Јадење!
Кирил Стоименов - Мисирков

16 март 2025 - 09:30