Кога модриот патлиџан ќе реши да оди на пластична операција

Ако досега најголемиот естетски и кулинарски дострел на модриот патлиџан во вашиот живот бил да заврши како згмечена, безлична каша во некоја тегла ајвар или исечкан до мали души во пинџур, време е за сериозен ремонт.

Денес официјално го носиме овој мастилав, заоблен медитерански фраер на комплетна кулинарска пластична операција. Правиме радикален естетски апгрејд каде зеленчукот со помош на неколку прецизни хируршки потези со ножот и високата температура целосно го менува својот идентитет, личен опис и социјален статус на вашата трпеза. Го вадиме од сенка и му ја креваме гастро самодоверба. Наместо безмилосно да го сечкаме и да го третираме како евтин прилог, му даваме кралски третман кој комплетно ја менува неговата структура и волумен, правејќи го главен јунак во чинијата.

На ова патување кон совршенството, тој не е сам, добива перфектно вградени „екстензии“ во форма на војска од златен, максимално крцкав наут кој внесува сериозна цврстина, и густ, ароматичен сос кој ги маскира сите негови маани.

Одиме:

Намирници

Пациентот:

  • 2 средни, сјајни и рамномерно заоблени модри патлиџани

Крцкавиот филер:

  • 1 конзерва (околу 400гр) сварен наут

Кремастата маска:

  • 200г густ грчки јогурт или павлака
  • 2 чешниња лук (ситно изрендани)
  • Сок од половина лимон
  • Свеж магдонос (ситно сечкан)

Арсенал за маринирање и зачинување:

  • Квалитетно маслиново масло
  • 1 лажичка црвен пипер
  • 1 лажичка мелен ким
  • Мелен црн бибер и морска сол

Оперативен зафат:

Измијте ги модрите патлиџани и отстранете ги рачките. Исечете ги попречно на моќни, дебели кругови (околу 3-4 см дебелина) за да добијат цврста, манекенска структура. Со врвот на остар нож, прецизно засечете ја внатрешноста на секој круг во форма на правилна шаховска табла, внимавајќи хируршки да не ја пробиете долната црна кора.

Наредете ги подготвените кругови во тава обложена со хартија за печење. Богато попрскајте ги со маслиново масло, сол и црн бибер. Со прсти убаво втријте ги зачините длабоко во направените засеци за патлиџанот да ги впие како сунѓер уште пред да влезе во рерната.

Процедете го наутот и убаво исушете го со кујнска хартија (влагата е непријател на крцкавоста). Распоредете го во тавата околу патлиџаните, па богато наросете го со црвен пипер, сол и млаз маслиново масло. Протресете ја тавата за секое зрно наут да биде рамномерно зачинето.

Ставете ја тавата во претходно загреана рерна на 200°C. Печете околу 30-35 минути.

Ова е моментот кога внатрешноста на модриот патлиџан омекнува до степен на путер, а наутот добива совршена, златно-румена крцкава кора.

Додека рерната ја завршува трансформацијата, во длабок сад со лажица изматете го грчкиот јогурт со ренданиот лук, сокот од лимон, ситно сечканиот магдонос, кимот и малку сол. Матете додека не добиете мазен, исклучително свеж и ароматичен бел крем.

На рамна чинија поставете ги топлите, печени кругови модар патлиџан. Врз нив, со брзи и уметнички движења, богато прелијте го ладниот бел сос, дозволувајќи му драматично да се разлее по рабовите на зеленчукот. Најгоре натрупајте ја планината од крцкав наут и додадете уште неколку ливчиња свеж магдонос за финален естетски потпис.

Масакрирајте со мерак!

Кирил Стоименов - директно од Пластичарска

4 јули 2026 - 16:24