Од морски плодови највеќе поштувам поховани сирени - жени увалани у песок од плажа. Ама тоа знае да биде поскапо и од јастог. Затоа денес идеме со една приуштива варијанта: чистени ракчиња на грил тава.
Ракчиња, или шкампи, или шримпс, или гамбори, или козице, се ептен староседелци на земјата Планета, што би рекла една наша влијателка во едно излагање. Фосилните записи им датираат од Јурата. Значи се дружеле со диносауруси и преживеале катаклизми. Играат битна улога во синџирот на исхрана.
Ние хомо-запиенсите всушност ги лапаме опавчињата. А јас во следните неколку реда ќе ви демонстрирам како тоа да го направите брзо и мајсторски:
200-300 грама ракчиња. Ги тушираме со маслиново. Следуваат зачини: сол, бибер, оригано и буковец. Добро промешуваме. Може да ги сместите во фрижидер едно саат време за маринадата добро да легне.
Ова е опционално. За следната точка од реквизити потребни ми се чачкалици за ражничи. И неколку перца млад кромид. Стапчињата ги натопуваме со маслинов лубрикант да "клижат као алигатор" шо би рекол Анкл Клач. Ги сецкаме само зелените краеви од перцата. На стапчињата бодeме ракче, па перце. Така до врв.
Откако ражничите ни се репитирани, загреваме грил тава, или акустична скара. Ги печеме едно 3-4 минути по страна, или додека не го добијат посакуваниот розевкаст тен.
На тавата/скарата запечуваме и 2 половинки од лимон. Печен лимон ја мења играта без око да му трепне.
Тоа е тоа.
Ова + ладен шприцер = финале.
На здравје!
Кирил Стоименов - рак рана