
Какво ли е пак сега ова гравче, би се запрашале. Една работа е сигурна - ова гравче не е обично, секојдневно гравче. Ова е гравче што било на пат со сета сила. Прошетано. Како во „On the road” од братот Керуак, или како во шоуата на Тони Бордејнски. Патувало низ фрижидери како збунет турист со рачен багаж, фаќало инспирација од ориенталните рафтови полни зачини, па се вратило дома со малку егзистенцијална и идентитетска криза и со многу идеи.
Гравот, иначе нашиот скромен социјален работник на кујната, овде е ставен во контекст на доцнокапиталистичка фузија. Бел грав, грашок, кари, кокос, кисело млеко, пармезан - како да си влегол во супермаркет после повеќечасовно кафанисување.
Ова е храна за возрасни и затоа бара трпение, храброст, емоционална интелигенција и способност да прифатиш дека вкусот не мора да биде линеарен. Исто како животот: некогаш сив, некогаш жолт - шо би рекла онаа певаљката Бајага, малку кремаст, малку кисел, но зачинет со зачини што доаѓаат од места каде што никогаш не си бил, ама си сигурен дека таму луѓето знаат што прават.
Вамос!
Намирници:
- Бел грав
- Грашок
- Црвена пиперка
- Млад кромид
- Кокос крем
- Кари (доминирачки зачин)
- Сол, бибер, малку масло за пржење
За белиот сос (прв прелив):
- Кисело млеко
- Магдонос
- Лук во прав
За зелениот сос (втор прелив):
- Грашок
- Магдонос
- Пармезан
- Малку маслиново масло
Постапка:
Во широка тава загреј масло и на умерен оган испржи го младиот кромид и потоа додај ја црвената пиперка, кратко промешај, па посипи обилно со кари, сол и бибер. Остави зачинот да се активира. Додај го претходно сварениот бел грав, промешај нежно, па сипи кокос крем. Не брзај, остави да крчка, да се врзат вкусовите, да се појави таа жолтеникава, малку мистична боја. Кога манџата ќе стане кремаста, додади го грашокот и остави уште неколку минути. Тргни од оган.




Во меѓувреме, сосовите:
Првиот: измешај кисело млеко со ситно сечкан магдонос и лук во прав. Остар, ладен и смирувачки сос.
Вториот: изблендирај грашок, магдонос, пармезан и малку маслиново масло. Овој сос е поарогантен, подлабок.
Сервирај ја манџуријата во истата тава или во длабока чинија. Преливај во слободен стил: малку бел сос, малку зелен сос, како да црташ мапа од град што не постои. Заврши со свеж магдонос или млад кромид.

Не мора да ми се заблагодарувате за ова мало совршенство.
Кирил Стоименов - автостопер низ галаксијата