Пред многаја лета, шо би рекле окорелите богобојажливи веруватели, еден другар ми се јавува со една брилијантна идеја: Ало брат, дој до кај мене нешто да пробаме. Шо, му викам. Абе ми се насобрале 20-тина шампањци, ми вика. Да не сакаат да те тепаат, му викам. Не бе, остај заебанција, дој да ги испиеме. Ми вика. А ја на тоа му викам - зашто си толку невработен? Ми вика, значи сериозен биди малце, кога у живот си седнал да пиеш пенливи вина цела вечер, никогаш - претпоставува сам. Мене ми се допаѓа оваа водена лудорија. Идам. Му викам.
Откако се исповикавме меѓусобно телефонски, еве ме мене на врата со брзината на опашината. Успат ми беше нарачано да земам месо за мезе, ама сè беше затворено, а дома имаше само пилешки стекови. Стекови - стекови, а ич? Си викам. По таксито накај другарот (нормално дека отидов со такси, знаев дека ноќта ќе заврши кобно) ми текна на еден рецепт шо го бев гледал неодамна: пилешко у сос од шампањско. Го спремаше еден не-баш-најелегантно пополнет кувар од Хрватска. Ја им верувам на таквите. Шефови со стомачни плочки и слична телесна санитарија од секогаш ми биле сомнителни. Kец на десетка.
Само шо пукна првата плута, веднаш се упатив кон мојот несуден офис: кујната. Ми вика како ќе го спремаш тоа, жити се. Гледај и учи, му викам:
Прво, зачинување стеково. Сол, бибер, црвен пипер. Христијански. Стековите на печење 4 минути по страна. За тоа време: ја ќе сецкам шампињони, ти сецкај кромид и плачи како Џус кога дозна дека починал Синан Сакич.
Откако стекот е бојадисан, во тавата убацуваме 60 грама путер. Во растопениот путер ги бланшираме печурките и кромидот. По 2-3 минути додаваме лажица брашно. Брашното и путерот ќе искреираат суптилна запршка. Не ми збори, ми вика, одлична финта.
Ја му викам, ти не збори, него подај амбалажата наваму, на ред е шампањското. Додаваме околу 400-500 мл. Одозгора на тога, една лажица доматна паста и еден стисок сушена душичка од мајка ти. Шо мајка ти, ми вика. Промешуваме и оставаме да се динста 7-8 минути. Откако виното ќе испари до пола, долеваме уште пола литар пилешки бујон. Нека се поџакузираат уште 6-7 минути. На крај идеме со 100 милилитри крема за готвење и неколку капки балсамико.
Стековите рикверц во тавата. Нека се усосуваат едно 5-7 минути. Треба добро да го впијат сосот. Како ја и ти ова пенливото, му викам. И потоа престанавме да си викаме. Полни усти, стомаци, јетри, души. На плејлиста прво шампањ супернова од Оејзиз па удара у главу ко шампањац од Миле Китиќ. Испивме 3 крштевки и 4 матури. После извесно време уопште не се викавме пошто чим се заседнеме за 2 саата не знаеме како се викаме.
На здравје!
Кирил Стоименов - викнете ме!