Значи ова лето њуз-фидот по сите социопатски платформи ми беше предозиран од софри со морски плодови. Ова ме испровоцира да ги запрашам експертите по економија и социологија: “Дали тоа у меѓувреме тајно ни скокнал стандардот па туна-конзервата со кромид на плажа ладно ја заменивме со 100 грама октопотче и салата со шери домат и рукуола, или со месеци гладуваме по дома за да можеме да се приуштиме таква трпеза како би ги задоволиле друштвените стандарди и трендови?”
Ја искрено не сум голем фан на морски плодови. Риба љубам, но морски плодови никогаш не би порачал. Друг да порача ќе мезам, нема да наоѓам маани, но самоиницијативно секогаш би одбрал риба.
Е, тука има еден исклучок: лигњите. Познатите поховани каламари се одлично мезе за уз бокал ладен швалерски шприцер. Особено со некој солиден мајонез или тартар сос од страна, брутално добро. Феноменални морски гумени бомбони. Јас нема ги поховам туку ќе ги спремам малку поинаку. Лажам, многу поинаку. Ќе ги наполнам со едно супер-вкусно полнење и ќе ги развртам на скара, во мојот случај грил-тава. Посејдон да ми позавиди. За вие шо не следите богови и самовили, Посејдон е бог на морето во старојужнососедската митологија, оној шо го тумбаше Одисеј со години.
Ќе ги придружам со одлична кисела салата од морач (анасон) и босилек, за да има шо да се боцка уз мастиката. Узото е мастика шо не успеала у животот. И точка!
Полнењето: Прво печеме 2-3 ајварски пиперки, било тоа на ќумбе или у рерна, или студентски - на рингла обвиткана со алуминиумска фолија. Откако ќе поцрнат, ги џиткаме во кеса и ја врзуваме да се омекнат. Кочанци викаат ДА СЕ ЗДУШЈАСААТ. Одличен глагол.
Ги лупиме, ги требеме од семки и ги сецкаме на тенко. Загреваме масло на тава. Во него додаваме 3-4 инчуни, и 250 грама ракчиња. Пржиме 2-3 минути. Потоа додаваме 3 лажици доматна паста. Промешуваме и пржиме уште минута. Потоа додаваме 10-тина шери домати сецкани на пола заедо со ситно сецкани рузмарин, магданос и босилек. Пржиме 2 минути. На крај следуваат малку капери, кора од лимон и пиперките.
Промешуваме, пробуваме за сол, по потреба посолуваме и тоа е тоа.
Салатата: Еден цвет морач. Го сецкаме на многу тенко. Ако имате мандолина, поминете го низ неа. Додаваме сол, бибер, оригано, буковец, цели листови босилек, маслиново и многу лимон. Промешуваме и салатата ни е пиц-пец.
Полнение грешним: 6 лигњи. Ги полниме со сосот од погоре. Не ги ѕидаме до врв, за да има простор да ги затвориме. Ги затвораме со гранче рузмарин. Откако се полни и затворени, ги прелеваме со маслиново, сол и бибер. Загреваме грил тава на јак оган и печеме 4-5 минути по страна. Површината треба да се ужари и да омекне.
На крај сецкаме на тркалца, креваме крагњи и цепаме лигњи. Донесете си го морето у кујната, го заслужувате тоа, возрасни низаедни.
Кирил Стоименов - Гњурец на диви води