Драматични ќофтиња

Афиша:

Сте се запрашале ли некогаш што би се случило доколку би ги вкрстиле вештините на драмските мајстори и на кулинарските гиганти? На момент замислете оброк напишан од Шекспир во изведба на Ботура, или мезиња напишани од Бекет а скоцкани од Малман. Пред мене и пред вас стои еден кулинарско-литературен јуначки подвик во пет етапи. Да го натопиме перото, да ја врзиме престилката и на работа, на труд... Моето име е Кирил Стоименов, а јас не сум ниту мајстор на пишаната реч, ниту пак некаков си професионален готвач, што и да значи тоа, но затоа сум универзален незнајко кој знае добро да си помине.

За вас штовани публикуме, го срочив следново: Наместо да пишувам дидаскалии меѓу загради пред секоја етапа, ќе пишам овде и нека важи до крај: Пијуцкајте цело време додека читате и готвите. Амин!

Експозиција:

Како викаше Ваци Јаневски што прележа преку шестотини неизлечиви болести: “Што е најтешко, кило јунешко”. Е, па, у сад длабок како инфлуенсерско деколте џиткаме пола кило јунешко, мелено, кршиме едно јајце, фрламе еден кромид спастрен на ситно, чешне лук, мента исечена на ленти, магданос, две шепи презла, триесетина му грамова рендан пармезан, сол, бибер, една голтка зејтин.

Заплет:

Ги заплетуваме компонентите една во друга, мешајќи ги со рака како да месиме тесто. Целта ни е од сите овие мали споредни улоги да изградиме основа за нашиот протагонист. Кога имаме мозокеста (ужасна придавка) текстура, престануваме со мешање. Роламе 6 јунешки бејзбол лоптици. Ако сакате да се повеќе на број, сролајте ги во големина на пинг-понг лоптици.

Кулминација:

За да конфликтот полека почне да се разрешува, прво мора да го достигне својот врв, да се створи една тензична и врела атмосфера. Затоа загреваме тава на среден оган и ја подмачкуваме со масло низ целото дно. Ги нурнуваме ќофтињата во врелото масло и ги пржиме околу 7-10 минути по парче. Додека се пржат, другарката рерна ја позагреваме со некој лабав флерт и една пијачка, да качи 150 по Целзиусовски.

Перипетија:

Испржените ќофтиња ги распоредуваме во огноотпорен сад. Ги тушираме со литро доматен сос. Ако сте мрзи од расата ‘светски’ купете готов, ако не во истата тава истурате конзерва лупен домат, додавате кромид, лук, босилек и зачини по желба и жуборкате на тивко едно петнаесетина минути. Со сосот ги тушираме ќофтињата, ги тркаламе за добро да се натопат од сите страни и у рерна саат до саат ипол. Расплет: Вака запечени ги вадиме од рернислав, истата ја појачуваме на 220, а помеѓу нив редиме мали коцки моцарела. Растопената моцарела го дава тој сашагрејски ефект и го прави овој рецепт трендинг порнхабски материјал. Врз топките месо наслануваме малку рендан пармезан. Назад да се печат уште два-тринаесе минути.

Епилог:

Секој си го пишува сам за себе. На здравје нека Ви е и за момент осеќајте се ко вонбрачни деца на Јуџин Онил и Адријана Алачки.

Кирил Стоименов - апсурден егзистенцијалист

15 јануари 2022 - 09:35