
Во оној момент кога декемвриската трпеза почнува да личи на галерија од млечни салати - француска, руска, пилешка крем… сите слични, сите високо-октански, сите во иста бело-снежна нијанса, денешната интервенција нуди бегство од конвенционалноста, свежина и мрснина.
Ви го претставуваме овој тартар со чајна. Брз, без претензии да биде „френч“, „ал-денте“, или „софистициран“. Едноставно вкусна, пикантна, солено-кисела, празнична бомба што ќе ја разбие монотоната традиција на трпезата. Ова е онаа чинија што гостите прво ја гледаат со скепса, а потоа ја напаѓаат дрско.
Намирници:
чајна колбаса / корнишони / кисели краставички / сенф /малку масло / бибер.
Постапка:

Се сече чајната на парчиња поголеми од ситни, ама помали од груби. Киселите краставички исто така се сецкаат или едноставно се фрлаат сè во сечко и им се дава краток, дисциплински бленд. Не целиме кон кашеста маса, туку кон фино кршена структура. Потоа се додава сенфот, се врти уште еднаш, и по желба се капнува масло. Се вкусува, се корегира со бибер или дополнителен сенф ако текстурата тоа го бара.
На крај се обликува во кружна форма или се плеска на чинија. Овој тартар стои совршено на препечен леб, крекер или само како таен радикален удар на празничната маса.

Вистинските познавачи би додале и една жива жолчка на врвот и би ја промешале со целиот микс за дополнителни умами бакнежи и кремовост.
Овој тартар се спрема брзо а се мези уште побрзо.
Не биди очајна, пробај тартар со чајна.
Кирил Стоименов - Ирвас