Ало хедонисти и хедонисткињи, дали се слушаме? Ајде да стркаламе уште еден рецепт, онака Сизифовски. Лето е, фаќаат никслотерски горештини, време е за сериозен егзистенцијализам. Денешниов рецепт воскреснува мртви клетки. Еден од оние рецепти шо би го тетовирал на плешка.
Денес спремаме камбала - опасна рамна риба, сериозно испеглана од раката на еволуцијата. Станува збор за дискретна но елегантна риба, чие бело месо е толку сочно и кревко што се топи како снегулка на јазик низ којшто проклизиле двастриста милилитри греана ракија. Во случај да не успеете да најдете камбала, алтернативно можете да играте со ослич, талапија, панга. Рибата ќе ја комплиментираме со кремасто зелен сос од мента и грашок. Грашокот обично завршува неславно, како гарнир за билдерски пилешки гради. Но овде доживува вистинска ренесанса. Го комбинираме со свежо нане/мента. Историјата на зелените сосови е стара колку и човековата потреба да го акцентира вкусот на главното јадење. Од античките грчки и римски оргии (кулинарски, се разбира), каде што се користеле секакви свежи билки за да се „оживее“ секој залак, па сѐ до средновековните европски дворови, каде што зелените сосови биле знак на богатство и префинетост (или можеби и начин да се прикрие не баш свежото месо, да бидеме искрени).
Нашиот денешен сос е модерна интерпретација на оваа древна уметност.
На три-четири:
За сосот:
200 гр замрзнат грашок (или свеж, ако сте доволно мазохисти да го лупите)
Голем грст свежи листови мента (доволно за да ви го прочисти синусот и да ви го отвори треќото око)
2-3 лажици маслиново масло, за чалам
Сол по вкус, бибер по вкус, за малку пикантност, како што си доликува Свежи чешниња лук, или лук во прав
Околу рибата:
3-4 филети камбала. Ако камбалата е премногу „егзотична“ за вашиот локален рибен пазар, не очајувајте. Можете да користите и филети од ослич, панга или тилапија. Овие се исто така нежни, бели риби кои ќе се стопат во устата и нема да ве разочараат.
2-3 лажици брашно за премачкување
Масло за пржење
Сол и бибер по вкус
Капари (за декорација, бидејќи изгледаат јако и додаваат морски шмек)
Свежа рукола
Егзекуционензи:
Сос: Ставете го замрзнатиот грашок во помало тенџере и прелијте го со вода колку да го покрие. Гответе го додека не омекне, околу 5-7 минути откако водата ќе зоврие. Исцедете го грашокот. Префрлете го во блендер или процесор за храна. Додадете ги свежите листови мента (без стебленца), маслиновото масло, сол и бибер и лук. Блендирајте додека не добиете мазен сос. Доколку сосот е премногу густ додадете по малку од водата од готвењето на грашокот додека не ја постигнете саканата кремаста конзистенција. Проверете го вкусот. Додадете уште сол или бибер по потреба.
Рибата: Филетите камбала (или некое од нејзините „резервни“ другарки) добро исушете ги со хартиена крпа и зачинете ги од двете страни со сол и бибер. На чинија ставете брашно и премачкајте ги филетите од двете страни со тенок слој. Отстранете го вишокот. Загрејте масло во тава на средна до висока температура. Ставете ги филетите во врелата тава и пржете ги по 3-5 минути од секоја страна, во зависност од дебелината на парчето, додека не добијат убава жолтеникава боја.
Сервирање: На голема чинија распоредете го сосот од грашок и мента како основа. Врз сосот внимателно ставете ги зготвените филети риба. Декорирајте со малку свежа рукола (за да добиете псеудо-здрава нота, демек здрав живот) и капари. Послужете веднаш и уживајте во оваа извонредна комбинација на вкусови и мириси. Бон апетит, и не заборавајте да ја делите оваа кулинарска ерекција со оние кои најмногу ги сакате... или барем оние кои ви се допаѓаат доволно за да ги нахраните!
Кирил Стоименов - Белорибец храбар