Од неофицијални извори имам информација дека комбинација од буквите Б, А, Г, Н, У, Ш спакувани во следниот редослед - “Баба Гануш”, кај девојките од веганска вероисповест предизвикува нагли либидозни шпицови кои што често можат да резултираат со страствен коитус помеѓу нив и лицата коишто им го понудиле истиот. Баба Ганушот е обрезаниот пинџур. Сериозен сос од Блискиот Исток. Одлична подлога за сендвичи, супер гарнир за со месо, но и доста сериозно ракио-повлекувателно мезе. Кај нас би ја крстиле како крем-салата. Ја би додал: Crème de la crème - салата.
Како тврдокорен фан на сè шо е направено од модри патлиџани, оваа салата зазема посебна соба со поглед на јетра во моето срце. Ја форсирам како да сум роден некаде отаде Левантот, стара арапина. Генерално, сметам дека модриот патлиџан е безобразно потценет зеленчук. Постојат толку многу варијанти и можности со него, шо како главен репро-матрејал, што во споредна улога во фузија со други елементи. Плус тоа, достапен е и евтин. Ама не, авокадо ќе јаделе они. Стари Мексиканци од Валандово.
Одиме: Модри патлиџани, 3 на број. Им задаваме убоди низ целото тело - фронтално и душмански “позади грб”. Во рерна 225 целзиусови, едно 45-50 минути. Сакаме супер омекната структура.
Во ова 50-тина минутно меѓувреме, правиме паста од лук. Две-три чешниња лук прво ги сецкаме на што е можно поситни парченца. Врз исецканиот лук нанесуваме 2 прстофати сол и со тапиот дел од ножот го налегаме и влечеме по даската за сечење, сè додека лукот не добие мека и кремаста текстура. Нема ништо помоќно од вака истертипениот лук. Природна Панацеја и натприроден еликсир за вечна младост.
Ги вадиме модрите. Со нож ги преполовуваме напречно. Сите три комада. Од првите два ја двоиме срцевината од лушпата. Благодарение на одличната испеченост, овој потег треба да иде мазно како врел нож низ путер. Меснатиот дел го поставуваме врз даска за сечење. Со ноз правиме дијагонални пресеци од двете страни. Практично ги мелеме модрите на рака. Сакаме во крајната смеса да останат и мали парченца од патлиџанот, да не е скроз мазен.
Го пренесуваме во сад. Го придружуваме со лукот. Додаваме 2 супени лажици таан, такозван тахини. Сол плус бибер. Сок од половина лимун. Магдонос и масло. Мешаме. Браво.
Јас го сервирав врз полутките од третиот модар патлиџан. Вие како сакате. Испечете кришка леб, ставете во врз парче месо, цепајте го клот, сеедно.
На здравје!
Кирил Стоименов - Патлиџанак