Не знам колку сте у тек со напредните методи на психотерапија и интегрирање на психоактивни супстанци во истата, но моментално на запад овој тренд е во експоненцијален раст. Особено во земјите каде што психоделиците како канабис и печурки се легални. Не дека е нешто топла вода измислено, психо екпсерименти со ваков тип на роба се праеле и у 70-ти години од минатиот век и тоа на велико. Нарочито со ЛСД(СМ). Но, неодамна препопуларно стана микродозирањето.
Станува збор за земање на мали дози психоактивни печурки кои би требало да ја зголемат концентрацијата а да ги намалат мускулната напетост, депрeсијата, анксиозноста и сличните чуми на пост-допаминското доба. Печурките се нашите генетски трети братучеди а воедно и најраспростанетата форма на живот низ целата планета. Последните 5-6 години се снимија тони материјал околу овие мистериозни израстоци. Нас овде покрај лековитите својства нè интересираат и кулинарските карактеристики на овој древен плод.
Денес ќе се макродозираме со печурки, односно со пита или солена торта од печурки. Но нашиве нема да се психоделични, туку ќе бидат апетитоделични и ќе целат кон отварање на балканската чакра, народски попозната како ‘дизна’. Еден преедноставен а ултимативно вкусен подвиг. Одлично би било нашите експерти во областа на метналното здравје да почнат да го препишуваат како еликсир и алтернативна медицина. Мене ми помага ептен.
А за да ти помогне и тебе, не се срами и погали го екранот лефтерно нагоре:
За денешната торта, во замена на пандишпан користиме готови фило кори. Ако сте вешти нинџи со сукалото, немој да се устручавате и сами да си ги замесите корите. Јас сè уште не се нафаќам на таков потфат. Но ќе дојде време, ќе дојде час, да сролам праз и јас.
Ок. 5-6 фило кори, А4 формат. Ги премачкуваме со зејтин и ги поставуваме во кружен сад за печење, од сортата - плиток. Ги распоредуваме така што би ја покриле површината на целиот сад. Врз површината на дното од садот позиционираме некој огноотпорен сад што ќе ги натиска корите и нема да им дозволи да пораснат при печење.
Печеме на 180 степени, едно 20 минути. Предупредување: јас сум љубител на крцкави и лагано подизгорени кори. Доколку вие не сте од истата екипа, печете ги корите 12-15 минути, или додека не почнат да фаќат кафеав тен.
Додека корите се у солариум, ги спаструваме печурките. 250 грама шампињони и 250 грама буковки. Тоа е мојот тандем за денес. Но ако може да набавите разноврсни типови печурка, слободно направете микс од сите. Гледајте само да ви изнесува некои 600 грама максимум. Ги сецкаме на ептен ситно. Може рачно, може и во блендер. Во тава топиме 50 грама путер. Прво упржуваме еден ситно сецкан кромид и ситно сецкан рузмарин. Може и лукче. По 5-6 минути ги додаваме печурките. Рејв журката започнува. Со повремено мешање ги пржиме печурките едно 10 минути или додека водата од нив не испари. Користете средно силен оган. На крај зачинуваме со сол и буковец и додаваме еден грст ситно сецкан магдонос. Тоа е тоа.
Смесата од печурки ја нанесуваме во корпата од печените фило кори. Рамномерно ја распространуваме. Се враќаме на тавата, во која што на брзина пропржуваме 150 гама шампињони сецкани на ленти. Чисто колку да омекнат. Истите ги редиме врз смесата од печурки. Додаваме малку сол, ја појачуваме рерната на 200 и печеме уште 5 минути.
Ја сецкаме на четвртини, alla бурек. Сеа при крај ми текна, ова можат да го конзумираат и тревопасните хомосапиенси, оние најрадикалните. Уствари путерот им крши филм, но ќе се снајдат они, имаат ужасни замени за свашта.
Апетитот е споделен. На здравје!
Кирил Стоименов - баЏанак