Голем дел од луѓето се однесуваат исто кога одат во болница и во кафана, во банка или на пазар. Не е исто. Некултура и нетрпение колку сакате. Јазикот е далеку од пристоен исто и однесувањето.Нетрпеливите индивидуалци на кои секогаш им се брза, ви дишат во врат, постојано во обид да се протнат преку ред. Жолтата линија за малкумина постои. Секој би завршил побрзо, ако може. ТИ наместо Вие е најчестиот начин на обраќање, старците и трудниците се во истиот ред за чекање како и останатите, кога веќе дошле до тука, може и да почекаат.
Во болници или аптеки ѕвонат телефони на сите страни. И болните и роднините, секој на цел глас со своите приватни случувања. На приватнте разговори на мобилни телефони им е отстапен целиот мир и тишина. Помислува ли некој дека во болница има болни? Дека во болница треба да е тивко? И зошто на болните им треба мир, а на лекарите и сестрите концентрација?
Е, наспрема тоа пак, во дискотека, кадешто сите треба да играат, да уживаат на подиумот, да и се предадат на забавата и музиката, тука одеднаш сите се срамежвиви. На подиум едвај тројца. Останатите или гледаат во мобилен и се туку со некој во два по полноќ наоѓаат да се допишуваат, а максимум од движење е цупкање со нога или климање со глава во ритамот на музиката. Се прашуваме кој е дојден да се забавува со музика, ако забавата е на малиот монитор што го држи во рацете.
Однесувањето на публиката на многу културни манифестации е за чудење. На спортски натпревари се фрлаат пцости и предмети како да сме во камено време. На театарски претстави се оди исклучиво ако е премиера, на балет или опера се зева од досада. Некогаш и се преспива.Но битен е впечатокот. Да се рече дека сме биле.
Тешко е откажувањето на некои веќе усвоени и длабоко вкоренети навики. Но за се има начин и почеток. Многу од луѓето не знаат, не приметуваат дека грешат. Затоа е убаво да се посочи. И затоа е убаво кога некој ќе се препознае и ќе се изненади дека она што го правел и не било така добро.А промената е трета на во процесот на креирање убави навики на живеење. Прво е препознавањето, па признавањето, па промената, која после првите два чекора доаѓа сама, природно.