Фудбал

Човекот кој се роди во офсајд

Од сите вчерашни роденденски честитки за Пипо Инзаги, инаку роден на 9 август 1973-та, ја издвојуваме оваа будалаштина.

Коментар на Гатузо за назначувањето на Пирло во Јуве

Костакурта, Капело, Дел Пјеро, сите гости во очекување што ли ќе искоментира Џенаро на тоа што Пирло го назначија за нов тренер на Јувентус. Нема кај него дипломатски одговор, честито или слично, туку ваква реакција: Епа сега се заебал.

Магија на Нејмар на тренинг

И така Нејмар си поигра со топката и изведе чудесен потег, а Херера ја дувна со лева во гол. Штета ќе беше ако никој не го снимеше ова.

Факт на денот

Џиџи Буфон роден: 28 јануари 1978. Неговиот нов тренер во Јувентус, Андреа Пирло роден: 19 мај 1979.

Добро колку души се потребни за да го сопрат Меси?

Лео вечерва за седум минути му стегна два комада на Наполи. Вториот му го поништија со ВАР поради наводно играње со рака, а на првиот фалеше уште Гатузо да се обиде да му влезе со клизачи. Нема лимити за човеков.

Барса го реши Наполи за едно полувреме, дебакл на Челси

Барселона и Баерн се екипите кои ќе ги вкрстат копјата во четвртфиналето на ЛШ. Пет души не можеа да го сопрат Меси први вториот гол на мечот. Елиф Елмас го почувствува Камп Ноу во последните десетина минути. Баварците немилосрдни.

Да им заклучите 5-ка по физичко на крај на година

Децава не се од Европа или Бразил, ниту пак се сениори, туку средношколска екипа од САД, која да повториме, заслужува чиста 5-ка по физичко, без да треба да полага.

Срамни грешки на Варан, елиминација за Реал и сензација на Лион против Јуве

Два гиганти за кои само трофејот е успех, се простуваат уште во осминафиналињата во ЛШ кои завршија 2:1. Реал без Рамос беше хотел промаја во одбрана и прими два гола после недозволени киксови на Варан, а Јуве направи пресврт со двата гола на Роналдо, недоволни за топ 8.

Бернардески го испушти голот на сезоната во ЛШ

Лион го замрзна Јувентус стадиум со 0:1, а Роналдо од пенал израмни на 1:1, резултат со кој се отиде на пауза. Но Јувентус можеше да израмни порано, ако Бернардески го финишираше овој страшен соло продор во кој легна пола екипа со се голманот. Лео Меси ќе му честиташе ако ја дадеше.

Незаборавната ноќ за Вардар на Градски

Вардарци се сеќаваат и на Твитер потсетуваат, а ние со задоцнување од еден ден им го гледаме твитот кој не врати на тој историски 6 август 2003-та, кога сите патишта водеа накај Градскиот стадион во Скопје. Каков делириум беше тоа, само тој што беше знае.

Чувството кога знаеш дека се враќа ЛШ по пет месеци

Петок 21:00: Јувентус - Лион и Манчестер Сити - Реал Мадрид. Сабота 21:00: Барселона - Наполи и Баерн Минхен - Челси. Имате по два телевизори дома така?

Севиља не се сложи баш со генералната проба на семафорот

Шпанско италијанската пресметка од осминафиналето во Лига Европа се одигра на неутрален терен во Дуисбург. Германците го пробуваа семафорот дали е исправен и го впишаа резултатот 2:0. Да, го погодија, така заврши, ама не за Рома.

Чудесна контрола на топка во сред игра

Ова обично мајсторите го прават на тренинг или на уличен фристајл, ама на српскиот фудбалер Милош Нинковиќ кој настапува за Сиднеј му успеа во игра. Импресивна игра со врат, грб, рамо и образ.

Со вакво видео на Инстаграм, не стапнуваш ти повеќе во Англија

Беше член на клубови во Премиер лига, Серија А и Ла Лига, но со вакви јавно фалење со голотии си ја закопа кариерата во Европа на само 23 години.

Растур систем партија на Нани за финале во МЛС

Португалецот има 33 години и ја игра својата втора сезона за Орландо Сити, а според ова што го покажува, изгледа дека препрано се откажале европските клубови од него. Потезиве и головиве му се Кристијано Роналдо.

Во Борусија Дортмунд цвета стратегијата за скаутинг и профит

Ги викаат Милионери, а со оглед на тоа како работат ептен им стои прекарот, затоа што секогаш мислат како касата да им остане полна. Може да им ги купуваат најдобрите, ама не можат да им ја земат душата.

Првиот гол во кариерата на Бејл

На 17 април 2006-та на возраст од 16 години и 275 дена стана втор најмлад играч кој настапил за Саутемптон, после Тео Волкот кој беше постар 132 дена. Четири месеци подоцна, на 6 август со наполнети 17 години, го постигна првиот гол во кариерата во Чемпионшип пресметката против Дерби. Голот нема што да ви го опишуваме. За деби гол ова е живи радости, плус тинејџер.

Последното носталгично миланско дерби вредно трофеј

Август е месец кој потсетува на многу Супер куп соочувања, а едно такво се одигра токму на денешен ден пред 9 години. Протагонисти Интер и Милан во Пекинг со големи фудбалски имиња. Единствен кој и сега е во Милано? Ибра. Стрелец? Ибра. Man of the match? Ибра.

За да ви биде појасно зошто Златан е тип топ на 38

За три месеци ќе наполни 39 и уште нема најави за пензија, а е напаѓач. На 18 средби во Серија А даде 10 гола, внесе живост во соблекувалната и го подигна нивото на Милан. Како ја одржува формата? Со вежби додека е на одмор, кој само што му почна. Годините му се само бројка.

Лукаку и Ериксен го однесоа Интер во Келн, Молина се посрамоти од белата точка

Интер, Манчестер Јунајтед, Шахтјор и Копенхаген се првите четвртфиналисти во Лига Европа. Најнеизвесно беше на Меаца каде гостите во 76-та утнаа пенал за 1:1, а во Доњецк финишот беше лудачки. Шахтјор ги наполни гостите со 3 комада од 89-та до 93-та.

Евроголот во ЛЕ го постигна ЛАСК против Манчестер

Момците на Солскјер имаа 0:5 од првиот осминафинален дуел и вечерва на Олд Трафорд реваншот беше само формална пресметка која ја добија со 2:1. Но резултатот го отворија гостите кои ќе ја паметат оваа убедлива елиминација од 7:1, поради единствениот нивен гол, дело на Филип Визингер.

Шаќири, сега ни кравјо кисело млеко не ти помага

Џердан Шаќири е на заслужен одмор после шампионската титула со Ливерпул во Премиер лига, ама сега нека не планира одмор, бидејќи едно три дена нема да спие на раат. Пече ова.

Слободен удар од 40 метри вреден 190 милиони евра

Фулам и Брентфорд го одиграа најскапиот меч на сезоната, вреден пласман во Премиер лига. Фудбалерите на Фулам го решија на спектакуларен начин, а Брентфорд излезе најголем лузер на островот.