За да оценат дали алатките со ВИ се способни да одговорат на секојдневните предизвици на лекарите во итните служби – на пример да прегледаат неуреден картон на пациент и да решат што да се прави понатаму, научници од Медицинскиот факултет на Харвард и Медицинскиот центар Бет Израел Диконес го споредиле со одлуки на лекари.
Независна група лекари, кои ги прегледале резултатите без да знаат кој ги изработил, му дале повисоки оцени на јазичниот модел за широк спектар задачи за клиничко расудување, вклучувајќи ги одлуките за итна помош врз основа на достапните информации, идентификување на веројатни дијагнози и избор на следните чекори во третманот.
Го тестиравме моделот со ВИ во однос на практично секој репер, и тој ги засени и претходните модели и основните стандарди на нашите лекари, вели Арџун Манраи, доцент по биомедицинска информатика и коавтор на студијата.
Резултатите биле впечатливи бидејќи за разлика од претходните медицински студии за вештачка интелигенција, истражувачите не ги прочистиле податоците. Секој случај бил презентиран точно како што се појавувал во електронскиот здравствен картон.

Питер Бродур, коавтор на новата студија, забележува дека новите модели со ВИ ги надминуваат рамките на досегашните тестови.
Моделите се сè поспособни. На поранешните тестови со избор на еден од повеќе понудени одговори тие сега постојано постигнуваат резултати од близу 100%. Стигнавме до плафонот и повеќе не можеме да го следиме напредокот, вели Бродур.
Вештачката интелигенција веќе влијае врз одлуките на лекарите. Во посебна студија од декември беше откриено дека 67% од лекарите ја промениле својата одлука за третман на пациент откако ВИ препорачала друга опција.
Алатката Алфафолд на Google DeepMind ги унапредува биолошките истражувања. Некои одделенија за итни случаи користат генеративна ВИ за да водат белешки и да пополнуваат медицински картони. Во Јута, на систем со ВИ му е дозволено да препишува лекови на пациенти, без надзор од лекар.